Кривична пријава за пратеникот од ДУИ Блерим Беџети за времето додека ја водеше општина Сарај
Финансиската полиција поднесе кривична пријава против Блерим Беџети, поранешен градоначалник на Сарај, а сега пратеник од ДУИ; потоа против шестмина вработени во општината и во Град Скопје, како и еден надзорен инженер поради сомнежи за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, и фалсификување и уништување на деловни книги.
Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, како што денеска соопштија оттаму, веќе се преземаат дејствија за проверки.
Од Финансиска соопштија дека кривичната пријава е поднесена против Б. Б., во својство на поранешен градоначалник, С. Ш. и Ќ. К., поранешни секретари во Општина Сарај., А. С. и Ќ. А., раководители на секторот за урбанизам и А. Ш., помлад соработник во истата општина, како и против И. Б. Ш., раководител на сектор за планирање и уредување на просторот во Град Скопје, но и Љ. Т., надзорен инженер.
Во описот за основите на сомнение, од Управата за финансиска полиција велат дека вработени во Општина Сарај и во Град Скопје, заедно со надзорниот инженер изготвиле и издале документи за градба со невистинита содржина на фирма од скопско Глумово за катастарска парцела за која нема Детален урбанистички план (ДУП).
Покрај тоа, направени се и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште, спротивно на законските прописи.
Надзорниот инженер извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина.
На овој начин, според Финансиска полиција, пријавените лица ѝ овозможиле на формата „Азра Идриз“ од село Глумово да се стекне со имотна корист од 1,8 милиони евра.