Кривична пријава и мерки за претпазливост против четири лица поради нападот врз навивачите на Левски во Чаир


Полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје вчера лишија од слобода четири лица поради насилство извршено врз навивачи на бугарскиот фудбалски клуб Левски на ул. Цветан Димов во скопската населба Чаир, кои самоволно се издвоиле од рутата обезбедена од полицијата и се движеле кон стадионот „Тоше Проески“ во Скопје со цел да присуствуваат на фудбалскиот натпревар ФК „Шкупи“- ФК „Левски“.

Како што соопшти МВР, на 27.07.2023 околу 18.30 часот на ул. Цветан Димов, додека навивачите на ФК Левски се движеле со возила „хонда“ и „фолксваген пасат“ со развиорени навивачки знамиња и други навивачки реквизити, дошло до вербална расправија, по што тие излегле од возилата и настанала физичка пресметка, а еден од навивачите на ФК Левски откако се вратил во автомобилот, во движење бил повреден со остар предмет.

-Веднаш по настанот, од страна на полициски службеници од СВР Скопје во координација со обвинителството, беа преземени мерки и активности за утврдување на идентитетот на сторителите на кривичното дело насилство. Извршени се службени разговори со повеќе лица, а по документирање на доказите, на 28.07.2023 лишени се од слобода А.Џ. (30), Н.С.(28), Б.Б.(32) и К.И.(28), кои се задржани во полициска станица, наведуваат од МВР.

По извршена координација со ОЈО Скопје, се додава во соопштението, денеска (29.07.2023) против овие лица е поднесена кривична пријава по брза постапка за кривично дело „насилство“ по член 386 ст,4 од Кривичниот законик и тие ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка.

 Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе предлог за определување мерки на претпазливост против четири лица за кои е поведена постапка за учество во инцидентот кај трговскиот центар „Чаирчанка“, во кој беше повреден еден бугарски државјанин.

Од Јавното обвинителство информираат дека постои основано сомнение дека лицата на возраст од 28 до 32 години учествувале во физичка пресметка со навивачи на бугарскиот фудбалски клуб „Левски“ со што сториле кривично дело – насилство согласно член 386 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

-Имајќи ги предвид сите околности на настанот, кој беше предизвикан кога бугарските навивачи со две возила се движеле во близина на трговскиот центар „Чаирчанка” и најпрвин влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани, а потоа ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти, јавниот обвинител за осомничените предложи неколку мерки на претпазливост: обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице во Основниот кривичен суд Скопје, привремено одземање на патните исправи, како и забрана за посетување на определено место – спортски натпревари, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Лицето за кое постои сомнение дека е директно одговорно за нанесување на тешката телесна повреда на бугарскиот државјанин е идентификувано, но се уште не е лишено од слобода и по него се трага.

Обвинителството продолжува да презема дејствија за обезбедување докази со цел целосно расчистување на настанот.