Кристофер Хил: Дојде моментот Србија да одлучи што сака

Според амбасадорот на САД во Белград, во животот мора да се прават избори, за Србија постои само еден пат, Западот и ЕУ


 

Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил изјави дека во животот мора да се прават избори и дека ова е таков момент, а за Србија има само еден пат, а тоа се Западот и Европската унија.

„За разлика од минатото, кога во Србија се мислеше дека постои трет пат, дека Србија не е ниту источна ниту западна, дека е некако посебна, дека оди по својот пат, сега повеќето Срби мислат дека постои правилен пат и погрешен пат и сакаат да го изберат вистинскиот пат“, изјави Хил за „Политика“.

Како што рече, Србија мора да одлучи дали сака да има „самодоволна армија и да купува оружје од различни земји или да се вклучи во колективната одбрана“.

„Тоа треба да одлучат Србите и мислам дека одлучија нивната иднина да е на Запад, а не на некој недефиниран Исток. Сето ова го кажувам врз основа на она што секојдневно го слушам од луѓето, но и врз основа на изјавите од претседателот на Србија Александар) Вучиќ“, изјави Хил.

Тој рече дека Украина и Косово се „многу различни ситуации“ и повика да не се поврзува она што се случи на Косово во 1999 година со она што се случува во Украина денес.

„Кога станува збор за Косово и Србија, тие се соседни земји. Србите живеат во Косово и има многу работи во Косово кои се важни за Србија. Добрите соседи мора да го решат тоа. Вистинскиот начин е дијалогот со посредство на ЕУ и преговорите во Брисел. “, рече Хил.

Тој изјави дека смета оти сите елементи мора да бидат на преговарачка маса и дека не може да се зборува „Сакам да зборувам за ова, но нема да зборувам за ова“, но сѐ уште не ја видел посветеноста на две страни на тоа.

„Ако зборуваме за евроатлантските интеграции, и тие се елемент на таа преговарачка маса. Кога преговарате, едната страна сака едно, другата сака друго, но тогаш едноставно треба да зборувате за тоа. Обесхрабрен сум кога гледам дека едната страна сака една работа, а не сака на преговарачката маса да биде она што го сака другата страна“, рече Хил.