Кристина Тодорова од Неготино доби награда за млад земјоделец за иновативни производи

Младата Кристина Тодорова од Неготино доби награда за млад земјоделец за иновативни производи, меѓу кои и тестенини со печурки без глутен и погодни за дијабетичари, информираа денеска од тимот на регионалниот еколошки центар „Ековита” од Неготино, чиј долгогодишен член е таа како дипломиран инженер агроном.
– Ова е уште една од низата на награди за Тодорова, што и беше врачена на Агро саемот во Струмица. Еколошкиот центар работи повеќе од 20 години, а во голем дел од нашите проектни активности таа е проектен координатор, подвлекоа од „Ековита”.
Тодорова изрази благодарност за наградата како млад и надежен земјоделец, укажаната доверба и препознавањето на нејзините напори за зачувување на здрава животна средина како предуслов за здрав живот.
– Ова е уште еден поттик за мене, да продолжам напред со моите и нашите активности за одржливо земјоделство и производство на иновативни производи, во склоп на циркуларната економија. Оваа награда не е само моја, таа е заслуга и на мојот тим, моите поддржувачи и младите кои се дел од нашиот еко центар, истакна Тодорова, која има 27 години.