Кристијан Нинески го фати крстот во водите на Вардар во Скопје

Нинески досега осум пати учестувал на манифестацијата, а ова е трепат како го фаќа крстот


Кристијан Нинески го фати крстот во Вардар (Фото: Б. Грданоски)

Кристијан Нинески е скопјанецот кој го фати крстот, што Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, го фрли во водите на Вардар, денеска на Водици.

Нинески досега осум пати учестувал на манифестацијата, а ова е трепат како го фаќа крстот. -Сите да сте живи и здрави – изјави Нинески.

Нинески беше даруван од архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан, од градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и од повеќе спонзори на манифестацијата, кои му посакаа добро здравје и многу успеси.

Водици 2023 (Фото: Б. Грданоски)

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление, кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

И годинава продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води. Скопската православна епархија при МПЦ-ОА го организираше традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст. Манифестацијата се одржа на мостот „Слобода“, кај хотел „Холидеј ин“.

Полнење осветена вода од Вардар (Фото: Б. Грданоски)

Околу 130 верници беа пријавени за фаќање на светиот крст, што околу пладне беше положен во реката Вардар во Скопје.

Како што информираат за МИА од МПЦ-ОА – Скопска епархија, сите пријавени се полнолетни и се проверени на спортска медицина, а некои учесници се спортисти.

Во осветените води на Вардар по крстот (Фото: Б. Грданоски)

Во 9 часот се одржа архиерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во која учествува и архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан. Литургијата заврши околу 11 часот, а потоа следи голем освет на водите во припратата на црквата.

Од МПЦ-ОА – Скопска епархија, велат дека Водици е голем празник во православната црква. Верниците се поздравуваат со поздравот „Бог се јави“.