Кредитот од Унгарија ќе се отплаќа до 2039 година, еве ги деталите
Предлог законот со кој Македонија ќе се задолжи 500 милиони евра кај Унгарската експорт – импорт банка влезе во собраниска процедура и тој, како што образлжува Владата, ќе биде во скратена постапка. Каматната стапка на кредитот е 3,25 отсто, а рокот на отплата е 15 години со вклучени три години грејс период, стои во предлог законот што е доставен до пратениците во Собранието.
Инаку, кредитот би требало да се повлече наеднаш, но во договорот што е составен дел на предлог законот за задолжување стои дека на неповлечените средства ќе се пресметува камата, како и дека на товар на заемопримачот, односно на Македонија паѓаат и трошоците за провизија „за извршени правни услуги“, на фирма што ќе ја одреди Унгарската експорт импорт банка, без притоа да се прецизира за колкав износ станува збор.
„Под ПРОВИЗИЈА ЗА ИЗВРШЕНИ ПРАВНИ УСЛУГИ се подразбира провизијата на независната правна фирма во соработка со локални адвокатски канцеларии избрани од страна на Банката, онаму каде што е применливо, кои ги издаваат правните мислења во врска со својството на ЗАЕМОПРИМАЧОТ и важењето и спроведливоста на овој ДОГОВОР. Провизијата ја плаќа ЗАЕМОПРИМАЧОТ“, стои во предлог законот и во договорот за заем.
Инаку, во одредбите кои што го определуваат крајниот рок на отплата на средствата се наведува дека тоа е 15-годишнината од датумот на расположливост на средствата и 2039 година.
Под „Прв датум на плажање камата“ се подразбира 2024 година, а по првиот датум на плаќање камата, таа ќе се плаќа секоја година на 15 февруари и 15 август
Еве уште некои од клучните одредби во Предлог-законот за задолжување и во Договорот за заем кој е составен дел на Предлог-законот:
Вкупниот износ на заемот кој ќе го додели Унгарската експорт – импорт банка изнесува 500
милиони евра.
Заемот ќе биде доделен на Република Северна Македонија под следните услови:
– Заемот ќе се повлече во една транша
– Рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години;
– Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25%
– Република Северна Македонија ќе ѝ плаќа на Унгарската експорт – импорт банка
приватно друштво со ограничена одговорност провизија за неповлечени средства
во висина од 0,5% од заемот на годишно ниво. Провизијата за неповлечени
средства ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот,
пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен
ден по завршување на периодот на достапност
– Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја
година
Дополнително, Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни
услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт – импорт банка
приватно друштво со ограничена одговорност. Провизијата за извршени правни услуги ќе
се плати пред повлекување на траншата.
Како што се наведува во придружното писмо, со кое премиерот Христијан Мицкоски го испраќа предлог-законот до Собранието, Владата го утврдила текстот на предлог-законот на седницата одржана на 3 септември, како и дека Владата предлага Предлог законот за задолжување да се носи по скратена постапка.
Задолжувањето од „пријателска земја, членка на ЕУ“ беше една од првите работи која што ја најави тогаш уште мандаторт Мицкоски, со тоа што првично кредитот требаше да изнесува една милијарда евра. Претходно, од Владата беше посочено дека половина од средствата, односно 250 милиони евра, ќе бидат наменети за финансирање проекти за општините, а другите 250 милиони евра за поволни кредити за компаниите.