Креаторот на „Peaky Blinders“ го пишува сценариото за новиот Џејмс Бонд


Стивен Најт, прославениот креатор на култната серија „Peaky Blinders“, ќе биде сценарист на претстојниот филм за Џејмс Бонд, чиј режисер е Денис Вилнев. Проектот се развива под покровителство на студиото „Amazon MGM“.

Ејми Паскал и Дејвид Хејман ќе го продуцираат новиот филм 007 преку нивните компании „Pascal Pictures“ и „Heyday Films“, додека Тања Лапоант ќе биде извршен продуцент.

Сценарист на импресивен опус

Најт стекна светска слава како автор, извршен продуцент и главен сценарист на гангстерската сага „Peaky Blinders“, добитничка на наградата БАФТА, во која глуми Килијан Мaрфи.

 

Неговите бројни телевизиски серии вклучуваат признати наслови како „See“ за Apple TV+, „SAS Rogue Heroes“ за BBC, „A Thousand Blows“ за Disney+ и „All the Light We Cannot See“ за Netflix. Интересно е што Најт е и еден од ко-креаторите на популарниот квиз „Кој сака да биде милионер?“.

Неговиот прв продуциран филм, „Dirty Pretty Things“, во режија на Стивен Фрирс, беше номиниран за Оскар за најдобро оригинално сценарио. Најт, исто така, ги напиша сценаријата за два филма номинирани за Оскар: „The Russian Promise“ и „Spencer“, а ги режираше и филмовите „Hummingbird“, „Locke“ и „Serenity“. Неговите претстојни проекти вклучуваат долгоочекуваниот филм на Нетфликс „Peaky Blinders“ и историската драма „House of Guinness“.

Нова ера за агентот 007

Денис Вилнев беше официјално потврден како режисер на 26-от филм за Џејмс Бонд минатиот месец, а „Variety“ објави дека студиото ја забрзува потрагата по сценарист со планиран датум на објавување во 2028 година. Изворите велат дека секој поран датум би бил непрактичен поради обемот на продукцијата. Следниот клучен чекор ќе биде да се избере актер кој ќе го замени Даниел Крег во улогата на најпознатиот таен агент во светот.

Развојот на ново продолжение на Бонд стана висок приоритет откако „Амазон“ го презеде „МГМ“ и неговата богата филмска колекција во 2021 година. Порано оваа година, „Амазон МГМ“ ја презеде и креативната контрола врз франшизата од долгогодишните продуценти Барбара Броколи и Мајкл Г. Вилсон.