Крај на владината криза во Италија?
Обидот на досега раскараните – движењето Пет ѕвезди и социјалдемократите да формираат заедничка коалициска влада, има позитивен ефект врз италијанскиот буџет. Инвеститорите очигледно веруваат дека новиот експеримент во турбулентната италијанска политика ќе биде поуспешен отколку пред неколку недели распаднатата соработка со деснорадикалната партија Лега.
Цените на италијанските државни обврзници се намалуваат. Силно задолжената држава може да позајмува пари по пониски камати. Додатокот за ризик, т.н. spread, во понеделникот падна на 1,58 проценти, што е најниска вредност од март 2018 година, кога се одржаа последните парламентарни избори.
За експериментот, коалиција меѓу самодекларираната „антипартија“ Пет ѕвезди и социјалдемократите- етаблирана сила во италијанската политика, да може воопшто да стартува, се погрижија членовите на Пет ѕвезди во контроверзно онлајн-изјаснување.
Според податоците на приватната фирма „Русо асосиејшн“, од 115.000 членови на Пет ѕвезди со право на глас, на изјаснувањето учествувувале 75.000, од кои 79,3 проценти дале согласност за политичкиот брак со до неодамна жестоко критикуваните социјалдемократи, кои во очите на приврзениците на Пет ѕвезди беа синоним за „стариот“ политички систем.
Платформата „Русо“, именувана според францускиот филозоф кој се залагал за директна демократија, е на удар на критика, зашто не е доволно транспарентно на каков начин функционира и кој ја надгледува. Интернет-фирмата припаѓа на Давиде Казалеџо, син на соосновачот на Пет ѕвезди, Џанфранко Казалеџо.
Сивата еминенција на Пет ѕвезди, комичарот Бепе Грило, во својот блог, објавен на „Русо“, врбуваше за учество во изјаснувањето: „Учествувај, изврши ја својата должност кон Италија“, напиша Грило.
Во раководството на Пет ѕвезди преовладеа убедувањето дека само преку коалиција со социјалдемократите може да се спречат нови избори и преземање на власта од страна на деснорадикалната Лега.
Шпекулирајќи со нови избори наскоро, на кои според анкетите тој би победил, шефот на Лега, Матео Салвини, ја растури коалицијата. Но, неочекуваната нова жолто-црвена коалиција, која треба да ја оконча италијанската „луда летна криза“, како што ја нарекоа италијанските весници, му ги помати сметките на Матео Салвини. Тој реагираше пркосно – изјави дека има време да го сочека крајот на новата коалиција. „Задоволен сум што Лега не е дел од овој театар“, изјави вчера Салвини.
Премиерот Џузепе Конте цел ден во неговата резиденција во палатата Киџи преговараше со социјалдемократите и Пет ѕвезди околу владината програма и министерската листа. Програмата на владата би требало да биде проевропска, за разлика од досегашниот популистички курс. Таа предвидува од намалување на данокот на додадена вредност, преку основна загарантирана пензија до разлабавување на драстичната бегалска политика. Пет ѕвезди ја објави веќе програмата на интернет.
Социјалдемократите реагираа навредено. „Станува збор само за еден предлог, уште сме во фаза на договарање“, изјави партискиот лидер Никола Цингарети. Нејасна е уште и поделбата на ресорите меѓу коалициските партии и каква функција ќе има Луиџи Ди Мајо. Тој досега беше заменик-премиер.
Натпартискиот премиер Конте вчера го презентира својт втор владин кабинет пред претседателот на државата, Серџо Матарела. Ако тој даде согласност, владата може веднаш да положи заклетва и на крајот од неделава да биде ставена на гласање во парламентот. Таа би била 65. влада во Рим по крајот на Втората светска војна. (Дојче веле)