Ковид-19 го спречи зголемувањето на надоместокот за лицата со попреченост


Фото: Б. Грданоски

Додатокот на лица со попреченост да ја достигне минималната плата, да се отворат центри за рехабилитација, да добијат право за гласање на 26 години, а не на 18, се дел од барањата на коалицијата „Менуваме“ кои ги доставија во влада пред неколку дена.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се сретна со претставници на Коалицијата „Менуваме“ со кои разговараше за нивните барања во насока на подобрување и унапредување на состојбата на лицата со попреченост.

– Ние не се откажуваме од зголемување на паричниот надомест на лицата со попреченост. Зголемување на надоместот кој што е предвиден во програмата, е за 15 проценти. Јас не дадов рок, но ќе испорачаме сѐ она што беше наше ветување и што беше дел од владина програма, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, прашана зошто по денешната средба со претставниците од Коалицијата „Менуваме“ нивните барања повторно не се испорачани.

Според Шахпаска, поради Ковид-19, реализацијата на покачување на надоместот била пролонгирана, а ребалансот на буџетот веќе е затворен.

Покачувањето на овој надоместот, како што рече, ќе се планира во буџетот за наредната година.

-Ние како Министерство остваривме средба со нивните претставници и разговаравме за нивните барања што ќе ги адресираат до повеќе сектори, затоа што ова е проблем и прашање во чие менаџирање треба да имаме еден мултидисциплинарен пристап со неколку Министерства. Нивното барање во делот на зголемување на паричниот надомест заради попреченост, ние не се откажуваме од тоа, изјави денеска Шахпаска.

Таа информира дека и биле адресирани одредени прашања од страна на претставничка на Здружението на родители на деца со попреченост, односно со аутизам, и појасни дека по локалните избори ќе оствари средба со градоначалниците за да иницира во што е можно пократок рок да се испорачаат сите барања од овие претставници, во смисла на отворање дневни и рерурсни центри.

– Еве јас јавно по завршувањето на локалните избори ќе остварам средба со градоначалниците за да ги иницирам и притиснам во еден разумен што пократок временски рок да можат да испорачаат услуги и сервиси и она што беше барање на претставници на состанок во смисла на отворање на дневни центри и отворање на рерурсни центри. За нас лицата со попреченост се навистина високо на агендата, рече Шахпаска.