Ковачевски за предлогот „Чебрен“ да го градиме сами: Потребна е анализа колку ќе го оптовари јавниот долг

Од финансиски аспект секогаш е добро да се има приватен инвеститор. Во тој случај ќе ја имате инвестицијата, а нема да го оптоварите јавниот долг со нови задолжувања, вели премиерот Ковачевски


Премиерот Димитар Ковачевски не го отфрла предлогот на Здружението на инженери, државата да ја финансира изградбата на хидроелектраната „Чебрен“, но вели дека за тоа е потребно да се направат анализи, како инвестицијата ќе влијае врз јавниот долг, како и да се извршат консултации со институциите преку кои го финансираме буџетскиот дефицит. Според Ковачевски, во делот на енергетиката во наредниот период претстојат многу работи, како што е почетокот на изградбата на гасниот конектор со Грција, потоа иницијативата која што ја покрена владата за изградба на гасно водородни централи во Битола и Неготино, енергетското поврзување со земјите во регионот и тн. За сето тоа, како што посочува, најдобро е да се потпреме на стратегиски партнери, како што се САД.

„Треба да се направи анализа колку една таква инвестиција би го оптоварила јавниот долг наспроти приватен инвеститор кој што би работел. Се прави кост-бенефит анализа во која што се гледа колку добива државата во однос на производство на електрична енергија, цена на таа електрична енергија“, вели Ковачевски.

Според него, од финансиски аспект секогаш е добро да се има приватен инвеститор.

„Во тој случај ќе ја имате инвестицијата, а нема да го оптоварите јавниот долг со нови задолжувања. Во САД, на пример, најголемите енергетски капацитети се на приватни корпорации“, изјави денес Ковачевски одговарајќи на прашања на новинарите по посетата на Клиниката за ортопедија.

Тој додаде дека го почитува мислењето на Здружението на инженери, за кои кажа дека се искусни луѓе од кои дел се присутни во научната и во практичната сфера и по четири децении.

„Но, четири децении тие капацитети не се изградени во државата. Вие гледате дека минатата година ние работевме на справување со енергетска криза со капацитети стари и по 45 години, од 1984 година, со руска технологија се и РЕК Битола и ТЕЦ Неготино и тн. и благодарејќи на вештината на вработените таму, тие работеа со полн капацитет“, рече Ковачевски.

Денеска до Владата Здружението на инженери достави предлог – иницијатива за донесување Закон за финансирање на изградбата на водостопанско-енергетските објекти со име „Проект Чебрен“, како интегрално решение по должината на сливот на Црна Река, а е составен дел од Стратегијата за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година. Во иницијативата, меѓу другото се бара овој капитален проект од стратегиски интерес за државата, да се стави во законски рамки за да се овозможи непречена реализација, без оглед која политичка партија ја формира Владата.

Од Здружението на инженери велат дека досегашното искуство со 14 јавни повици за партнерство со инвеститори од други земји се покажа дека не е функционално, како и дека е битно дека проектот е економски исплатлив и општествено корисен од енергетски водостопански и социјален аспект.

„Единствено е прашањето за колку години ќе се отплати инвестицијата. Ако Проектот не е исплатлив, не би се јавил ниту еден учесник на јавниот повик“, се вели во иницијативата.

„При денешна состојба, евидентна е брзата изградба на голем број сончеви фотоволтаични централи. Во определени периоди, може да се добие (купи) евтина електрична енергија, која не може да се пласира на берзата за трговија со електрична енергија. Со тоа се зголемува оправданоста за реализацијата на пумпно-акумулациониот хидроенергетски објект и може да се скуси периодот за враќање на инвестираните средства (Simple Payback Period)“, посочуваат од Здружението на инженери.

Ковачевски од своја страна, пак коментира дека секако ќе се направи анализа од страна на Министерството за финансии која што ќе покаже што е подобро.

„Ние имаме дневна соработка со ММФ, со Светска банка, постојат модели како најдобро се прават тие инвестиции“, вели Ковачевски.

Тој се осврна и на предлогот од последната седница на Владата за гасно-водородни централи.

„Според мене, водородно гасните централи треба да ги правиме со Џенерал електрик од САД. Прво, се работи за врвна технологија, второ се работи за држава која што ни е стратегиски партнер, САД во овие 32 години се покажаа како наш најголем пријател споредено со сите други држави и тоа дава една долгорочна стабилност и сигурност во делот на енергетскиот сектор, доколку се работи со инвеститор од САД“, рече Ковачевски додавајќи дека тоа е негово мислење што ќе биде едно при носењето финални одлуки кога ќе треба да се финансира во овие капацитети.

„Иднината е во гасно произведување на електрична енергија, комбинирано со водород. Има зошто со водород, така да ќе се работи на тоа поле“, рече Ковачевски.

На прашањето дали во Буџетот кој изнесува 5,5 милијарди евра, сепак, можат да се најдат средства за иницирање на инвестицијата „Чебрен“, Ковачевски одговори дека во тој буџет од 5,5 милијарди евра, 1,3 милијарди се пензии, 0,9 милијарди се здравство, 0,5 милијарди се плати…

„Така што половина од тие 5,5 милијарди дека се недискрециони трошоци, дополнително за одбрана, за министерството за внатрешни, за култура и тн. Дискрециониот дел на Владата се однесува на капиталните инвестиции. Вие знаете дека веќе имаме една инвестиција од 1,3 милијарди евра и затоа секое едно ново оптоварување на Буџетот мора да биде консултирано и со оние кои што го финансираат дефицитот, а финансирањето на дефицитот кај нас се прави преку ММФ, Светска банка, преку евро обврзниците кои ги издаваме во Лондон… Оваа година нема да издаваме еврообврзница за 2024 година бидејќи веќе направивме добри аранжмани со Светска банка и со другите кредитори кои што ги имаме, мултилатерални и билатерални“, рече Ковачевски.

Премиерот исто така рече дека во изминатиот период беше потпишан меморандум под покровителство на САД, Грција, Северна Македонија, Косово и Албанија во однос на поврзувањето на пазарите на електрична енергија.

„Ние веќе неколку години работиме со субвенционирана цена на електричната енергија кој што практично се финансира од буџетот на државата, меѓутоа во либерална економија државата ќе мора да се движи кон пазарно ориентирани цени, се разбира во момент кога целосно ќе бидат стабилизирани енергетските пазари“, рече Ковачевски.

Тој смета дека консолидацијата на енергетскиот систем значи и регионално поврзување, бидејќи многу е тешко мали држави да имаат целосно своја консолидација на електроенергетскиот систем. Тоа ќе значи поврзување преку транс – бордер капацитети кои што ќе треба да се прават, како што е нашиот државен електропреносен систем.

„Во електроенергетскиот сектор ќе има многу работа, ќе треба добро да се обмисли и да се работи со стратешки партнери за да не се доведеме во ситуација да имаме партнери на кои што не можете да се потпрете во време кога би имало криза. Вие гледате еден парадокс после војната која ја отвори Русија со Украина, во кој што цели цевководи и нафтоводи не можат да се користат а беа градени со децении. Затоа се градат нови. Ние во март – април ќе почне изградбата на новиот интерконектор со Грција преку кој Северна Македонија ќе се снабдува преку Транс јадранскиот гасовод и преку новиот терминал за ЛНГ во Грција. Таму веќе имаме закупено половина БЦМ гас на годишно ниво кој што дава добра основа за градење гасни централи со веќе обезбеден гас од сигурни извори од САД, Азербејџан и од други извори кои не се од држава која што не е дел од НАТО сојузот каде што сме ние“, вели Ковачевски. (М.Ј.)