Ковачевски – Вархеи: Сега е моментот за деблокада на Македонија

Време е и Европската унија да пружи рака кон државите од Западниот Балкан, му рекол Османи на Вархеи.


Сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Република Северна Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна, констатираа премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеи, кој денеска е во посета на Скопје.

Како што соопшти владината прес-служба, Ковачевски и Вархеи, исто така, се согласија дека европските интеграции на Северна Македонија и на регионот се потреба на државите во регионални рамки, но и на самата Европска Унија.

Ковачевски нагласи дека тој останува посветен исклучиво на принципите на почитување на европските вредности и на разговори базирани на респект и достоинство, за што се согласиле со премиерот Петков при воспоставувањето на дијалогот и очекува односи на оваа база.

– Нашата држава ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската Унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партер на европските држави и заслужува конечно одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, рече премиерот Ковачевски.

Ковачевски и Вархеи разговараа и за актуелни прашања поврзани со предизвиците од војната во Украина и за европерспективите на регионот.

Вархеји оствари средба и со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во Секретаријатот за европски прашања, а ќе се сретне и со шефот на дипломатијата Бујар Османи, како и со претставници на политичките партии.

Еврокомесарот Вархеи пред денешната посета на Скопје, вчера од Софија упати порака прашањето за почеток на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ да се реши до јуни годинава. Тој изрази крајно разочарување што се уште се разговара за ова прашање. 

Европското досие на државава во пресрет на јунските совети и очекувањата за нужен исчекор во поглед на отпочнувањето на пристапните преговори, особено во дадениот момент, беа во фокусот на разговорите и со  министерот за надворешни работи Бујар Османи .

Како што соопшти МНР, соговорниците се согласиле дека новите геополитички околности налагаат потврдување на политиката на проширувањето како геостратешка инвестиција во мир, стабилност, безбедност и економска благосостојба на целиот европски континент.

– Северна Македонија досега покажа исклучително ниво на посветеност за напредокот на нејзиниот пат кон Европската Унија. Дополнително, постигнавме 100-процентно ниво на усогласување на државата со заедничката надворешна и безбедносна политика на УнијатаВреме е и Европската унија да пружи рака кон државите од Западниот Балкан и јасно да демонстрира дека иднината на регионот е европска. Регионот е сѐ повеќе уморен од чекање, со што страда кредибилитетот на Европската унија, порача Османи.

На средбата станало збор и за напорите во надминувањето на разликите меѓу Бугарија и Северна Македонија, како приоритет да се одблокира нашиот пат кон ЕУ.