Ковачевски упати одговорите за Бесмира Ејупи да се бараат во МНР
Одговорите за наводното вработување на поранешната презентерка и несудена конзулка во Њујорк, Бесмира Ејупи, во МНР треба да бидат побарани во седиштето на дипломатијата, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Прашањето на Ејупи повторно стана една од главните теми во јавноста откако опозицијата објави дека таа била вработена во МНР. Ковачевски прашањето го оквалификува како административно, но и шовинистичко кон жените, особено забелешката дека се „вдомила“, додавајќи дека според она што добил како информација таа била вработена претходно и во општина што подолго време била раководена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицето за кое ме прашувате била вработена во општина која што подолг период е водена од градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Така што треба да се провери дали е вистина за да видиме кои се мотивите за такви напади“, рече Ковачевски.
Новинарите останаа притоа без објаснување според која процедура и како Ејупи ила вработена во МНР и како било тоа можно кога ДКСК за неа веќе води постапка за незаконски исплати од повеќе институции.
Антикорупциската комисија допрва ќе одлучува дали ќе отвори случај по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека Ејупи е вработена во МНР и дали некој влијаел за нејзиното вработување.
Од таму пак стигна информација дека ДКСК ја отфрлило иницијативата на Државното првобранителство под раководство на неодамна сменетиот Фехми Стафа кој тврдел дека членот на антикорупциска Катица Николова имала судир на интереси поврзан со кадровска политика на Правобранителството во Велес. Со пријавата се тврдело дека Николова, кога одлучувала да се покрене иницијатива за кривично гонење за вработувањето на Ејупи во Државното правобранителство всушност се одмаздувала на разрешениот правобранител Стафа. Од ДКСК порачале дека срам и клевета е едно службено лице како правобранителот Стафа да покренува вакви постапки врз основа на прераскажани разговори. Инаку, повеќето незаконски исплати на илјадници евра на Ејупи доаѓале токму од неговата институција.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак оценија дека Ковачевски со изнесениот став и обвинување за шовинизам, покажува дека лично тој е шовинист.
„Едноставно, почувствувал потреба да ја брани нововработената во МНР како маж, според родова или полова припадност, а не да ги брани нејзините квалитети и потребата од нејзино вработување во најпосакуваното министерство во Македонија, министерството за надворешни работи.
Ковачевски во шовинистичката одбрана, повторно не објасни како и зошто е вработена во МНР, како била ангажирана од повеќе институции во исто време дотичната Бесмира Ејупи? Нели Ковачевски не ја познаваше личноста што требаше да ја именува како генерален конзул во Њујорк? Уште еднаш, Бесмира Ејупи е јавна личност, новинар, ангажирана од повеќе државни институции и општини од каде што добивала над 12.000 евра за една година и за што е отворен случај во ДКСК.Ако јавното соопштување за вработувањето на несудената конзулка во МНР е шовинизам, тогаш Ковачевски очекувам да го осуди и отворањето на случајот во ДКСК за нејзините истовремени ангажирања во повеќе институции. Притоа очекувам Ковачевски да ја осуди за шовинизам и првата жена на ДКСК“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.