Ковачевски со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ: Предвремени избори не се опција



Премиерот Димитар Ковачевски денеска имаше состанок со шефот на Делегацијата на Европската унија, Дејвид Гир и со амбасадори на земји членки на Европската унија, на која се расправаше за европскиот пат на Македонија. Според соопштението на владината прес-служба се работи за редовен годишен состанок со резидентни амбасадори, на којшто присуствуваа и повеќе министри.

Во соопштението се вели дека била пренесена пораката оти европската перспектива на Македонија е реалност и дека државата може да смета на европските партнери и во поддршката за натамошните исчекори во евроинтеграцискиот процес. Соопштено е дека се почитува лидерството во напредокот на државата и во храбрите и мудри одлуки што се носат во таа насока и дека се вреднуваат постигнувањата на рефомски план. 

 
Најавена е натамошна поддршка и во делот на реформите, бидејки, како што е оценето, евроинтеграциите се опцијата за иднината и квалитетот на живот на граѓаните во Северна Македонија.

„Отворени сме како Влада да ги зајакнеме капацитетите на Владата и да го зголемиме парламентарното мнозинство. Наши стратеши партнери се ЕУ и САД и ќе продолжиме да ја развиваме државата во таа насока, којашто носи сигурност и квалитетен живот на граѓаните, со фокус и кон сите реформи и во делот на владеењето на правото. Ние сме граѓанска држава, успешен пример на функционална, мултиетничка демократија, држава на рамноправни граѓани, со еднакви права и обврски и во тоа е нашата големина и вредност. Ќе продолжиме по патот напред, при тоа, со категорична заштита на идентитетските одредници и на достоинството на граѓаните“, рекол премиерот Ковачевски.

На состанокот е соопштено дека предвремени избори не се опција, бидејки тие не се поврзани со можноста за напредок на државата, туку за политички агенди што не се во интерес на граѓаните.