Ковачевски – Штајнер: Поддршка од ОН за Македонија како регионален центар на зелена енергија


Премиерот  Димитар Ковачевски, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во Њујорк се сретна со Ахим Штајнер, администратор на Програмата за развој на ОН (UNDP) и копретседавач на механизмот за енергија на ОН (UN Energy). На состанокот беше потенцирано значењето на ОН и на развојните мрежи на организацијата, како што е УНДП, која им помага на земјите членки во остварувањето на милениумските развојни цели, глобалниот развој, заштитата на животната средина, во областа на енергетиката и друго.

Премиерот Ковачевски притоа изрази поддршка на повикот на  Штајнер за зголемување на инвестициите во обновлива енергија и осигурено напојување на економиите денес и во иднина и посочи на ефикасните чекори што ги презема Македонија во енергетската транзиција и диверзификација, што придонесе во справувањето на земјата со енергетската криза и во градењето отпорност на регионот. Во таа насока, премиерот Ковачевски соопшти дека Северна Македонија од почетокот на минатата година досега има издадено 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што во државата денес на мрежа има 420 мегавати на централи што доминантно работат за производство на електрична енергија од сонцето, а очекувањата се дека до крајот на годината тој капацитет да достигне 600 мегавати.

Премиерот ја нагласи и најновата владина одлука за конечна реализација на тридеценската цел за изградба на хидроцентралата „Чебрен“, проценета инвестиција од речиси милијарда евра, што ќе овозможи дополнителен инсталиран капацитет од најмалку 333 MW енергија.

„Ова се чекори кон енергетска независност на државата, за зајакнување на домашното производство на електрична енергија, но и придонес во заштитата на животна средина поради што Северна Македонија веќе е препознаена како регионален центар на зелена енергија“, рече премиерот Ковачевски.

На средбата на премиерот Ковачевси со копретседавач на ОН за енергија, Штајнер, поздравени се заложбите на Република Северна Македонија во обезбедувањето чиста енергија и во заштитата на животната средина. Притоа разговарано е за можности за поддршка на нашата држава во делот на развојот на преносната мрежа со цел подготвеност за прифаќање на многуте апликации за изградба на фотонапонски и ветерни електрани, како и во заложбите за декарбонизација на економијата, се додава во соопштението од Владата.