Ковачевски им се извини на Телма и Алфа, посакувајќи да бидат растоварени од политички и други влијанија
„Никогаш ниеден медиум не добил од мене и од владата и партијата готов прилот. Никогаш никој не се јавувал кај уредници“, рече премиерот

„Ги видов реакциите на ЗНМ и на други релевантни институции од областа на регулација на медиумите и асоцијации, ги прочитав и тие се основа за натамошно унапредување на условите за работата и позицијата на медиумите и новинарите.
Слободата на медиумите од една страна и објективното новинарско известување од друга страна се исклучително важни во едно демократско општество. Ние политичарите имаме одговорност да го исполниме ова и да создадеме услови за слободно и непристрасно дејствување на медиумите и за независност на уредувачките политики и нивна самостојност како медиуми. Од друга страна медиумите имаат обврска за објективно и целосно инфомирање на јавноста.
Јас не посочив конкретно ниту еден медиум, што може да се потврди од снимката на мојата изјава, но сепак, доколку некој се препознал во тоа што го кажав и има потреба од извинување, тогаш го има моето извинување. Јас ја почитувам секоја професија и ја ценам. Во контекст на вашата работа, моето појавување пред јавноста и медиумите е без договор со уредници: Никогаш не е побарано да се каже какви прашања ќе бидат поставени. Никогаш ниеден медиум не добил од мене и од владата и партијата готов прилот. Никогаш никој не се јавувал кај уредници. Тоа е нашиот принцип на работа и нема дилеми за тоа. Од прв ден на мојата функција се залагаме за слобода на медиуми и транспарентно работење. Стојам лично зад ставот медиумите да бидат растоварени од какви било политички или друг тип влијанија“, одговори Ковачевски.