Ковачевски пред пратениците: Шансата за 2030 е неповторлива

Одлуките за продолжување на евроинтеграцискиот пат треба да бидат донесени сега низ демократска постапка во нашето Собрание за да можеме во 2030 година да бидеме земја членка на ЕУ, истакна претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска пред пратениците.
„Јас како премиер и СДСМ како партија, како носечки партнер во Владата заедно со коалициските партнери, а верувам дека проевропски политичари има и надвор од владината коалиција во ова Собрание, ќе го направиме она што е потребно за да обезбедиме европска иднина на македонските граѓани“, потенцираше Ковачевски.
Според него, не треба да заборавиме дека во овој стратешки момент и ние сме ѝ потребни на ЕУ, а не само таа нас бидејќи сега треба да се обезбеди стабилност на европскиот континент, а тоа не е можно да се направи без земјите од Западен Балкан кои што практично претставуваат дел од Европската унија. Географски гледано, Западен Балкан е практично опкружен со земји – членки на ЕУ.
„Ова не се апокалиптични сценарија за тоа што може да се случи ако се испушти чекорот со земјите од регионот во европската интеграција. Ова се факти за секој да стане свесен каква одлука се носи кога е потребно носење на одлука бидејќи со тоа или ќе придонесеме да продолжи европскиот процес или тој ќе биде закочен. И одговорноста ќе биде лична на секого и од нас и од вас бидејќи одговорноста ќе има и име и презиме и граѓаните тоа ќе го знаат исто како што граѓаните знаат чија е одговорност што 11 години државата беше заглавена, а 17 години чекаше на почнување на преговори со ЕУ“, рече Ковачевски.
Тој смета дека „треба да престанат драмите што ги гледаме во изминатиот период и што доаѓаат доминантно од редовите на опозицијата која повторно игра на картата на некаков патриотизам кој треба да е замена за носење на одлуки кои значат европски интеграции“.
Ковачевски нагласи дека е „јасно оти ова е уникатна шанса. Затоа европските партнери и САД, според нивни зборови ја нарекуваат неповторлива шанса, единствена затоа што тоа е така“.
Според него, ние имаме неповторлива шанса да станеме полноправна членка на Унијата до 2030 година.
„Оној кој мисли да соработува со трети страни кои не се на линија на евроатланските цели на Северна Македонија и на граѓаните кои на последните парламентарни избори дадоа поддршка на проевропски политички субјекти нека го прави тоа. Тоа ќе се види и на гласањето за овој парламент, кога за тоа ќе дојде време. Ние од тој мраз на меѓународна изолација, на потонати демократски вредности, на клучеви на врата на домашни фирми, на контроверзни инвестиции од далечниот исток, на сиромаштија и длабока социјална криза… излеговме од тоа во 2017 година“, рече Ковачевски на седницата за поставување пратенички прашања.