Ковачевски: Платите на администрацијата треба да растат, но тоа да биде проследено со реформи во јавниот сектор

Разговараме за три аспекти - едниот е зголемување согласно растот на животниот стандард, на минималната плата и на трошоците на живот, второто е воведување на одржлива методологија за пораст на истите и третото е да бидат следени со реформи


Премиерот Димитар Ковачевски денеска посочи дека платите во јавната управа треба да растат, но тоа треба да биде проследено и со реформи во овој сектор кој брои околу 138 илјади вработени, бидејќи, граѓаните очекуваат да добиваат и повисоки услуги.

Зборувајќи на економскиот форум на „Заматен поглед нанапред: Многубројни неизвесности ги поткопуваат економските изгледи?” во организација на „Finance Think“, премиерот истакна дека зголемувањето на минималната и на просечната плата се покажа дека е одржливо, за што зборуваат и податоците за поголемо производство, поголем извоз и намален број на невработени во земјава.

„Сите досегашни зголемувања и на минималната плата и на пензиите беа направени низ социјално економскиот дијалог каде што присуствуваа сите синдикати и каде што јасно разговараме дека платите треба да се зголемуваат, но тоа да се направи низ еден процес на реформи“, рече Ковачевски.

Како што посочи, дека најлесно се зголемува платата која што ја плаќаат даночните обврзници бидејќи платите во јавниот сектор ги плаќаат даночните обврзници.

„Синдикатот ќе побара, Владата ќе одобри, а нив ќе ги платат даночните обврзници“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека треба да се промени пристапот.

„Кога разговараме со синдикатите, разговараме за три аспекти – едниот е зголемување согласно растот на животниот стандард, согласно растот на минималната плата и со растот на трошоците на живот, на инфлацијата и тн., второто е воведување на одржлива методологија за пораст на истите и третото е да бидат следени со реформи. Бидејќи, на крајот на денот, тие што ги плаќаат, а тоа се граѓаните, очекуваат и повисоко ниво на услуги“, рече Ковачевски.

Една од темите на дискусијата со премиерот Ковачевски беше влијанието на зголемувањето на минималната плата, на пензиите и на платите на администрацијата врз Буџетот, но и врз вкупната макроекономска стабилност во земјава, односно дали тоа може да ја поттикне потрошувачката, а со тоа и инфлацијата. Односно, какво е влијанието врз буџетскиот дефицит и јавниот долг и колку Буџетот може да издржи ваков товар, во отсуство на зголемување на продуктивноста.

Ковачевски рече дека зголемувањето на минималната и просечната плата беа дел од изборната програма на владата, што овозможи минималната плата денес да е двојно поголема од пред пет години, односно од 8.800 денари сега изнесува 18 илјади денари.

„Истото прашање дали може да се издржи се поставуваше и кога минималната плата беше 12 илјади денари и кога беше 15 илјади денари, па сепак се потврди дека може да се издржи. Се зголеми индустриското производство, се зголеми и просечната плата, се зголеми извозот, се зголемија даночните приходи, а се намали стапката на невработеност. Ние во моментов имаме најмала стапка на невработеност од 15,2 отсто“, рече Ковачевски.

Тој направи споредба со времето кога беа потребни 4,2 минимални плати за да се покријат трошоците од синдикалната потрошувачка кошница, што според него е неодржливо – двајца да работат, тие не можеа да покријат една синдикална кошница.

„Ние како политичари не смееме да водиме дебати дали е неодржливо, ако го зголемуваме животниот стандард на граѓаните“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека просечната плата расте и со зголемување на продуктивноста. Притоа посочи дека посетил многу фабрики, и никаде немало забелешки за минималната плата.

„Ние мора да стимулираме зголемување на продуктивноста и преку инвестиции во понапредни индустриски гранки и тоа се потврдува преку планот на инвестиции на државата. Прво беа изедначени странските и домашните инвеститори, а над 400 компании веќе користат државна помош во однос на инвестициите при што се зголемува и бројот на вработените, но и самата опрема и автоматизација на компаниите со што се зголемува и продуктивноста и производството“, рече Ковачевски.

Во однос на одржливоста на буџетот, тој нагласи дека Министерството за финансии го проектирал Буџетот во согласност со стапките за раст кои што беа проектирани во 2021 година за 2022 година.

„Ние во моментов имаме приходи кои што се над планот. Трошоците заради мерките кои што ги воведовме, а тоа е пакетот антикризни мерки во износ од 400 милиони евра и пред тоа трошоците заради финансирање на зголемените цени на електричната енергија од околу 200 милиони евра или вкупно околу 610-615 милиони евра се инвестирани дел на страната на намалување на приходите во буџетот, дел на страната на директни издатоци за најранливите, за компаниите и за одржливоста на енергетскиот сектор“, рече Ковачевски.

Како што посочи, тоа ја стави Владата во позиција да ги намали тековните трошоци во Буџетот, меѓутоа и за дополнително ограничување на сите непродуктивни трошоци и на сите непродуктивни инвестиции во автомобили, мебел кои се ставени на нула освен за канцеларијата во Виена бидејќи идната година нашата држава претседава со ОБСЕ.

Ковачевски додаде дека Министерството за финансии ги прави новите пресметки за растот на БДП оваа година бидејќи постојат корекции, а Светска банка ги објави своите корекции.

„Она што е најважно, Буџетот е ликвиден, фискалната политика е координирана на неделно ниво со монетарната политика. Министерот за финансии, гувернерот на НБ и јас како премиер комуницираме на неделно ниво се со цел и финансиската политика да биде одржлива и монетарната политика да биде прудентна и одговорна во однос на сите економски движења во државата. Како што се гледа, сите исплати од Буџетот се одвиваат непречено и без никакви застои, а пензиите и другите основни обврски кои што ги има Буџетот се исплаќаат и предвремено“, рече Ковачевски.