Ковачевски остава на Мицкоски да го избере форматот на средбата

Средбата е закажана за во среда во Клубот на пратеници. Мицкоски пред некој ден изјави дека добро би било средбата да биде „еден на еден“


Фото: Б. Грданоски

 

Средбата на власта и опозицијата ќе биде в среда во 11 часот во Клубот на пратеници, а од каков формат ќе биде таа треба да одлучи Христијан Мицкоски или ракводството на ВМРО-ДПМНЕ. Ова денеска го објави премиерот Димитар Ковачевски. Тој рече дека една од темите ќе биде носењето одлуки за европска интеграција на државата, а втората е активностите на сите политички чинители во државата во врска со односите со соседите.

„Поканата е испратена до ВМРО-ДПМНЕ. Во неа јасно стои да си изберат во кој формат сакаат да биде средбата – дали да биде еден плус нула, еден плус еден, еден плус два, зависно од тоа дали имаат доверба меѓу себе да зборуваат еден пред друг или сакаат да одат сами на средба. Јас оставив да избере раководството на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по увидот на рехабилитација на пат Демир Капија – Неготино. 

Мицкоски во своето гостување во емисијата „360 степени“ во петокот (2 јуни) изјави дека би било добро средбата со Ковачевски да биде во формат „еден на еден“, а не во формат на тимови, зашто, како што рече, претходните искуства му покажале оти во широк состав никогаш не се носеле заклучоци.

Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека средбата ќе биде тет-а-тет.

„До средбата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, ќе изврши широки консултации со пратеничката група, партиите дел од коалицијата и Извршниот комитет на партијата. Ставот на партијата е дека уставни измени нема да има, и ова Собрание нема легитимитет за таков чекор“, истакнуваат од опозициската партија.

Според Ковачевски, темите за кои ќе се разговара се од исклучително значење, бидејќи од нив зависат интеграциите на државата и што побрзото зачленување во ЕУ.,

Тој ги повтори познатите ставови дека во државата постоеле два концепти – едниот е концепт за европска Македонија и вториот е концепт којшто го предводи Левица и којшто е за изолирана Македонија. 

„Јас се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да се надмине себеси и барем еднаш во овие 32 години независна Македонија да поддржат одлука со која што државата по интегрирањето во НАТО ќе се интегрира и во ЕУ“, рече Ковачевски.

Тој на средбата очекува отворен разговор за сите аспекти на двете теми, изразувајќи надеж дека ќе изнајдат заеднички јазик за тоа на кој начин треба да се продолжи кон интеграција во ЕУ, бидејќи, како што рече, во спротивно е изолација која што ја гледаат сите граѓани во државата.  

Неговиот став за изборите е непроменет – избори ќе има во редовниот термин, прво претседателски избори, а потоа парламентарни избори.

„Постапката за уставни измени е многу јасна. Иницијативата од работната група е доставена до Министерството за правда, тие ќе го достават до Владата, Владата ќе ја разгледа и потоа ќе ја достави до Собранието каде што потоа се отвора процедура на Комисија за уставни прашања, па потоа на пленарна седница и изразувам уште еднаш надеж дека сите пратеници ќе бидат на ниво на задачата да ги застапуваат интересите на граѓаните, а врвен интерес на граѓаните е интеграција во ЕУ, бидејќи тоа се гледа секојдневно и низ сите изминати 30 години нашите граѓани сакаат да живеат во ЕУ“, рече Ковачевски.

„Сега, кога  постои отворен прозорец за влез во ЕУ тој треба да се искористи“, додаде Ковачевски.