Ковачевски: Нека кажат што мислат за Законот за амнестија место да го блокираат


Премиерот Димитар Ковачевски  порача денес дека секој  закон во Собранието може да претрпи модификации и дека конкретно Предлог законот за амнестија што се подготвува ги подобрува и забрзува процедурите, а не дава амнестија на некој кој направил тешко дело.

-Мислам дека не треба тука така да се отфрла, туку треба да се отвори парламентарна дебата, рече премиерот при посетата на градежните активности на изградба на автопатот на Коридор 10-д, делницата Прилеп-Битола.

Според него, Владата ќе го разгледа законот на една од наредните седници и потоа низ процедура ќе биде пратен до пратениците каде што сите пратенички групи ќе можат да го кажат своето мислење, но нагласи дека никој нема корист од блокирање.

-На граѓаните им е доста од кавга, доста им е од препукувања и бесконечни прес-конференции на коишто секој секого обвинува за нешто.  На граѓаните им требаат проекти, работа инфраструктурни проекти, им требаат подобри услови за живеење. Мојот пристап е дијалог, разговор заснован врз основа на факти и работа со цел да се оствари интересот на граѓаните. Затоа сметам дека тој пристап треба да го има опозицијата затоа што на тој начин ќе се унапредат процесите коишто ги имаме во државата, посочи премиерот Ковачевски.

На прашањето кој е „Дарт Вејдер“ на македонското правосудство, премиерот одговори дека тоа ќе го остави на имагинацијата и на истражувачкиот потенцијал на новинарите, да се навратат 15 години во правосудниот систем и да видат како се менувани одредени закони и како се монтирани одредени процеси, со тоа што многу лесно ќе може да се идентификува тоа лице кое, како што рече, потекнува од комунистичко време.

„Тоа што претходно имавме закон во кој казните беа направени од комунистичко време, односно направени од некој, како што јас го нарекувам, Дарт Вејдер на македонското судство, тоа не значи дека тие работи не треба да се променат“, објасни премиерот Ковачевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера одговарајќи на новинарски прашања дали имаат комуникација со власта за новиот закон за амнестија, повтори дека уште пред неколку месеци прекинале било каква официјална или неофицијална комуникација со Владата и оти партијата преку демократски алатки ќе го блокира новиот Законот за амнестија што го подготви власта.

-Тој закон е закон за амнестија на криминалци за кои одредени политички партии во минатото даваа ветување дека ќе бидат ослободени целосно или делумно. За жал, тие политички партии или дел од тие политички партии денеска се во Владата и можете да видите дека таквиот закон не одговора, ама буквално ниту на потребите, ниту на очекувањата на граѓаните. Во име на тоа ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да го поддржи овој Закон за амнестија, туку и истиот, преку демократски алатки, ќе го блокира, рече Мицкоски.