Ковачевски: Не толерирам криминал од никого, без разлика на политичката припадност


Миле Лефков, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања  го праша премиерот Димитар Ковачевски дали се чувствува одговорен откако два генерални секретара на Владата се обвинети за криминал  и дали  Фатмир Битиќи, Крешник Бектеши и Јани Макрадули, кои биле задолжени за изработка на физибили студијата за  македонска „Пошта“ се поврзани со криминалот на Мухамед Зекири.

-Не толерирам никого, без разлика на неговата политичка припадност, и се придржувам на тоа. Во истиот момент кога беше објавено дека постои истрага од страна на Јавното обвинителство, генералниот секретар поднесе оставка, таа во истиот момент беше прифатена и на наредна седница е именуван нов генерален секреатар на Владата, возврати премиерот Ковачевски.

Тој  потсети дека согласно извадокот  генералниот секретар на Владата бил задолжен да обезбеди консултантски услуги за изработка на физбилити студија за реорганизација на „Пошта“ и за тоа да ја информира Владата.

-Откако дојдов на функција претседател на Владата до  Генералниот секретаријат а, во врска со овој договор се обрати Бирото за јавна безбедност, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Секторот за криминалистички истраги, Единицата за финансиски истраги со барање на комплетна документација за предметот од 1.10.2021 година. До Бирото беа доставени договорот, заклучокот од седница на Влада и копија од фактурите по која е вршена исплата, како и анализа изготвена од давател на услуги, која тој ја имал доставено до Секретаријатот, рече Ковачевски.

За сите  понатамошни прашања тој го упати Лефков на   Обвинителството и судството, бидејќи тие се независни и одговори треба да добие од таму, доколку се води судска постапка.

Но, премиерот не пропушти да го потсети Лефков дека е претставник на политичка партија која има пресуди за злосторничко здружување и е синоним за, како што рече, криминал и корупција.

-Тоа го потврдуваат судски пресуди во кои се осудени и обвинети функционери на ВМРО-ДПМНЕ, но и нивните признанија пред македонските судови. Со судските одлуки за „Титаник“, за „Плацеви на Водно“, „Тенк“ и многу други е потврдено дека постоело здружување, организирано перење пари, незаконско богатење преку криминални офшор-шеми, изборни измами, криминализација на изборниот процес. Затворски пресуди веќе има за предметот „Тврдина“, за масовно прислушување и кршење на човекови права, рече Ковачевски.

Тројца секретари на ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи, имаат признаено вина и потврдија дека ова е правено во партијата.

– 11 години ВМРО-ДПМНЕ ја фалсификуваше волјата на граѓаните и тоа токму преку вакви активности, рече Ковачевски.