Ковачевски не го есапи ултиматумот на Мицкоски, му порача да се фати за работа


Премиерот Димитар Ковачевски и натаму одбива да одговара на ултиматумите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој  му брои денови и го уценува за предвремени избори.На новинарско прашање дали е можно свикување лидерска средба со сите партии, Ковачевски рече дека можат да разговараат со сите партии и дека и  денеска имал состаноци со претседатели на партии за унапредување на законски решенија, за справување со енергетската криза, за справување со економската криза.

-Уцена со одбројувања – пет дена, четири дена, единствена точка на дневен ред, предвремени избори – таква средба не може да има. Затоа што не може да биде единствена точка – предвремени избори. ВМРО-ДПМНЕ пред скоро една година доби мандат во најголемиот дел од општините во државата. Гледате што се случува во општините. Еден проект нема, потенцира премиерот Ковачевски. 

Тој вели дека неговиот став за одржување лидерска средба не е спротивен на изнесеното од  коалицискиот партнер ДУИ и повтори дека треба има средба за теми кои, како што рече, се од интерес за граѓаните, а не единствена точка на дневен ред да биде предвремени избори, бидејќи избори ќе има во 2024 година.  

Според него, на почетокот во општините имало некакви презентации на проекти, кои се оставени од претходните градоначалници. Смета дека во Град Скопје се менуваат директорите на секои два месеци и ништо друго не се случува.

-Затоа, нека си ја земат одговорноста во свои раце, нека покажат дека можат да работат во општините за тоа за што ветуваа, а ниту едно ветување уште не е остварено. Парламентот да функционира, Владата има зголемена парламентарна поддршка во Собранието визави претходната влада бидејќи сега имаме 64 пратеници поддршка и не постојат никакви ограничувања за носење на потребните одлуки за граѓаните, порача премиерот Ковачевски.