Ковачевски не го дели песимизмот на Црвенковски за ЕУ, вели се зависи од перспективата

Кога ќе погледнете од временска перспектива, тогаш во еден момент некои работи можат да ви се чинат неостварливи или тешко остварливи, вели Ковачевски, оценувајќи ја позитивно идејата на Црвенковски за пристап до заедничкиот европски пазар и до европските фондови


 

Премиерот Димитар Ковачевски ја оцени позитивно идејата на поранешниот премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски околу потребата земјите од регионот да станат дел од заедничкиот европски пазар и да имаат пристап до европските фондови, но не се согласи со неговиот песимизам околу тајмингот за полноправно членство во Европската унија.

„Кога ќе погледнете од временска перспектива, тогаш во еден момент некои работи можат да ви се чинат неостварливи или тешко остварливи. Јас сум зборувал со негови колеги кои биле советници во неговиот кабинет, кои се мои блиски пријатели, кои велат дека за нив од тогашна перспектива беше несфатливо да се дојде до договор со Грција и државата да стане членка на НАТО. Од оваа перспектива гледаме дека можело да се постигне договор“, рече Ковачевски одговарајќи на прашања на новинарите, по одбележување на јубиелјот 70 години на Институтот за македонски јазик.

Тој додаде и дека никој не очекувал или немало толку многу оптимисти дека минатата година ќе добиеме преговарачка рамка, по 17 години чекање.

„Но, ние заедно со пратениците и 27 членки усвоивме преговарачка рамка. Јас верувам дека до 2030 година можеме да бидеме членка на ЕУ ако ги донесеме одлуките кои се очекуваат од нас. Подоцна, да го довршиме и процесот на скрининг, да ги отвориме поглавјата и да ги затвориме поглавјата. За тоа постои поддршка и има отворен прозорец од ЕУ во светло на овој геополитички момент во кој што се наоѓаме сега по војната во Украина од неоправданиот напад од Русија“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека со големо внимание ги следи изјавите на сите поранешни претседатели и премиери на државата бидејќи биле на високи функции и воделе значајни процеси. Тоа, како што посочи особено се однесува на Црвенковски кој беше претседател пет години и премиер осум години.

„Секако има многу искуство од своите мандати и има учествувано во носењето на голем број одлуки“, рече Ковачевски.

Тој смета дека вчерашното излагање на Црвенкоски било корисно, иако тезите кои беа изложени не се поклопуваат со оние на Владата.

„Секогаш е од која перспектива гледате. Имаше луѓе кои беа песимисти дека никогаш нема да станеме членка на НАТО – ние станавме“, рече Ковачевски.

Тој исто така посочи дека доколку се погледне изјавата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дадена неодамна во Братислава пред заедничката средба, исто така зборува за одредено приклучување кон заедничкиот пазар, кон поголема достапност на државите од Западен Балкан и земјите од Југоисточна Европа до европските фондови пред пристапувањето.

„Значи не е никаква замена за пристапувањето, туку подобрување на перформансите и капацитетите на државите за пристапување. Ако се сеќавате, кога зборувавме јас и премиерот на Албанија, Еди Рама, истакнавме еден многу значаен податок, а тоа е дека земјите кои што се членки на ЕУ, а се наоѓаат во Југоисточна Европа споредено со земјите од истиот регион кои што се кандидати за членство, структурната помош која што ја добиваат од европските фондови е 11 пати поголема по глава на жител кај земјите кои што се членки во однос на земјите кандидатки“, нагласи Ковачевски додавајќи дека тогаш тоа јавно го кажале и го истакнуваат на секој состанок со  ЕУ дека таквата разлика треба да се намали бидејќи на таков начин ќе се намалува и јазот меѓу државите кандидати и државите кои што се членки на ЕУ.

Ковачевски повтори дека излагањето на Црвенковски го смета за корисно излагање и кое што треба да се проанализира, како и дека станува збор за став кој може да се искористи во  носењето на понатамошни одлуки.

„Важно е да се остане верен на целта која што ја сакаат граѓаните, а тоа членство во ЕУ и да се работи таа цел да се оствари“, рече Ковачевски.

Инаку, вчера поранешниот претседател Бранко Црвенковски зборувајќи на дебата во организација на Советот на амбасадори на тема „Северна Македонија меѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес: можно ли е побрзо членство во Европската унија?”, изјави дека процесот на интегрирање на нашата земја во ЕУ не треба да се сведува само на проблемот со Бугарија, туку дека нашите политики во однос на евроинтеграциите мора да го имаат предвид и поширокиот контекст, а тоа е дека интеграциите на целиот регион се во застој.

Тој отворено искажа песимизам во проекциите кои што се посочуваат во јавноста за полноправно членство во ЕУ до 2030 година. 

„Фактите говорат дека интеграциите во однос на целиот регион на Западен Балкан се во застој со повремени мали исчекори“, рече Црвенковски додавајќи дека според него, барем во овој момент не постои простор за некаков поголем оптимизам, ниту за наредниве неколку години.

Црвенковски се заложи во рамките на постојните иницијативи Отворен Балкан, Берлинскиот процес или некоја нова иницијатива на земјите од регионот да им се овозможи пристап до европскиот пазар и до европските фондови, како меѓучекор до полноправното членство во ЕУ.

Тој потенцира дека идејата не е никаква алтернатива или замена на полноправното членство во ЕУ, туку би бил еден меѓу чекор или преодна фаза која би го олеснила остварувањето на таквата цел. (М.Ј.)