Ковачевски: На Владата не ѝ требаат 80 пратеници за да опстои, им требаат на граѓаните

„Кое е објаснувањето на ВМРО-ДПМНЕ зошто е против? Бугарски диктат е најновото. Од ЕУ велат - ова не е предлог на Бугарија туку на ЕУ“, рече премиерот


 

На Владата не ѝ требаат 80 пратеници, а Европската унија го исполни својот дел со потпишување на договорот со Фронтекс на чист македонски јазик. Ова е ставот на премиерот Димитар Ковачевски во пресрет на почетокот на расправата за уставните измени. Ковачевски кажа дека Владата ќе опстои со 61 пратеник, зашто им се доволни за да гласаат одлуки, а 80 пратеници се потребни за граѓаните.

„Вие го поставивте прашањето, 80 пратеници немате – 80 пратеници требаат за европска Македонија. На Владата ѝ требаат 61 пратеник за да може да работи до следната влада. Двотретинското мнозинство е императив за секој граѓанин во државата. Кога ќе кажеме 80 пратеници, тие не се потребни за Владата туку за граѓаните на оваа држава“, рече Ковачевски.

Според него, десетдневната дебата во Собранието е можност за граѓаните да се уверат дека се работи за процес за остварување на стратешка цел, членство во ЕУ.

„Кога почна процесот, имаше коментари за правење на хистерија дека Македонија ќе била бугаризирана, ќе има асимилација. Ништо не се случи. По една година, имаме чист јазик. Поголема меѓународна потврда за јазикот и идентитетот – нема. Потоа беше побарано гаранции од големите држави дека стојат зад нашиот идентитет. Германија донесе резолуција. И во САД има исто така поднесено резолуција за славењето на македонскиот јазик, култура и идентитет. Нема поголеми партнери“, додаде тој.

Околу ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека уставни промени нема да поддржат тој побара објаснување зошто.

„Кое е објаснувањето на ВМРО-ДПМНЕ зошто е против? Бугарски диктат е најновото. Од ЕУ излегуваат и велат – ова не е предлог на Бугарија туку на ЕУ. Тие кажуваа ќе ја менувале преговарачката рамка, а сега не го зборуваат тоа, бидејќи од САД и ЕУ кажаа дека таа е одобрена од сите земји членки како најдобро компромисно решение“, додаде Ковачевски.

Паралелно со неговата изјава, дојде порака од лидерите на Алтернатива, Беса и Демократско движење, т.е. новата албанска опозициска коалиција. Тие пред сѐ побараа итно да се стави на гласање иницијативата за уставните измени, заедно со амандманите за исфрлање на терминот 20 отсто.

„Како што многупати сме изјавиле, за нас нема дилема дека европската интеграција е највисоката политичка, партиска и национална визија, од која не само што нема алтернатива, туку ваквата заложба го подразбира и секој наш чекор на политичкото дејствување и соработката со другите. Во оваа прилика, бараме од претседателот на Собранието итно да ја стави на гласање потребата од промена на Уставот, со цел да ја поминеме што побргу првата фаза на уставните измени и да влеземе во суштинскиот процес на тие измени. Освен тоа, го повикуваме да не се крие зад неоснованите оправдувања, туку да ги стави амандманите за измена на навредливото именување ‘20%’ за албанскиот јазик, како и амандманот против застареност на случаите на политичка корупција. Меѓуетничката кохезија и борбата против корупцијата се европски вредности и принципи, исто како и обврската за добрососедските односи, ако не и повеќе.

Кога сме овде, ги повикуваме сите пратеници, без разлика на нивната политичка, етничка и идеолошка припадност, итно, без дискусија и без никакво одлагање, да гласаат за потребата од промена на Уставот и предложените амандмани! На овој начин, сите ние докажуваме на која страна сме и која е нашата стратешка определба. И додека зборуваме за ова гласање, доколку на краток рок не се обезбеди потребното мнозинство за гласање на првата фаза од уставните измени, ќе биде јасно дека овој парламентарен состав нема капацитет да ги деблокира преговорите за ЕУ интеграција. Ако ова се покаже како точно, не треба да губиме ни час повеќе. Во тој случај, односно доколку нема доволно мнозинство да се гласа првата фаза од уставните измени, повикуваме да се гласа за распуштање на парламентот и распишување на предвремените избори, за да се бара друг парламентарен состав кој ќе има капацитет и политичка волја за протуркање на интегративните процеси кон Европската унија“, порачаа Билал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити.