Ковачевски на средба со Ердоган: Расте трговската размена меѓу двете земји
Премиерот Димитар Ковачевски и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на денешната средба во Истанбул изразија взаемно задоволство односите меѓу двете земји и зголемувањето на економската соработка. На средбата, на која присуствуваа и министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заеднички беа констатирани традиционално добрите и пријателски односи помеѓу двете држави, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
Македонија и Турција споделуваат исти цели за безбедноста и стабилноста во регионот за што клучни фактори се добрососедски односи и регионална соработка, со фокус на економската соработка и подобрување на инфраструктурната поврзаност.
Трговската размена со Турција е во постојан пораст и од осмото место во 2020 година, во првите три месеци од 2022 година оваа земја го зазеде шестото место на листата најзначајни трговски партнери на Македонија.
Очекувањата се годинешната трговска размена од 900 милиони долари, да достигне една милијарда долари и да обезбеди продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Според вкупните инвестиции од Турција во нашата земја таа е во редот на првите пет земји по вкупниот прилив.
Македонија и Турција, потенцираа во меѓусебниот разговор Ковачевски и Ердоган, ја продолжуваат исклучително добрата соработката меѓу министерства за одбрана на двете земји во однос на модернизацијата на македонската армија, како и во областа на воената обука и едукацијата, но и заедничкото учество во мировни операции и вежби.
Премиерот Ковачевски му упати покана на претседателот Ердоган да ја посети нашата земја.