Ковачевски на пуштањето во употреба на патот Крива Паланка- Деве Баир: Нашето ветување го остваривме, но Бугарија не ја заврши својата работа
Патната делница Крива Паланка – Деве Баир, денеска свечено беше пуштена во употреба, откако во изминатиот период беше извршена реконструкција и рехабилитација со што привршува модернизацијата на патните правци во североисточниот дел од државата.
„Овој пат беше предмет на разговор што го имав првиот ден како претседател на Владата со министерот Бочварски, со премиерот на Бугарија, Кирил Петков, и со нивниот тогашен министер за транспорт и врски. И тогаш кажавме дека овој патен правец комплетно ќе го рехабилитираме, комплетно ќе го реконструираме и ќе отвориме трета лента, која во тоа време не постоеше“, истакна премиерот Димитар Ковачевски на официјалното пуштање во употреба на реконструираниот и рехабилитиран пат Крива Паланка – Деве Баир.
Истовремено, како што најави, ќе биде извршена и рехабилитација на патот до Страцин и ќе се почнат и работите на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка.
„Ние нашето ветување си го остваривме. Е, сега, сакам да им кажам на амбасадорот Гир и на медиумите да им пренесат на сегашниот премиер на Бугарија и на поранешниот премиер на Бугарија, Кирил Петков, а сегашен сè уште претседател на партијата Продолжуваат промените, дека тие својата работа не си ја завршија. Ниту го завршија делот на патот кај Ќустендил ниту го завршија делот на патот на страната на Бугарија кон ГП Клепало.

Така што, амбасадоре Гир, можете преку Брисел да им кажете дека ние нашата работа ја завршивме, а тие својата не ја завршија“, порача Ковачевски.
Појасни дека државниот пат А2, делницата Крива Паланка – Деве Баир, кој денеска официјално е пуштен во употреба, е во должина од 13 километри, каде што е извршена рехабилитација, санација на пропустите на патот, но и проширување со трета лента.
Според Ковачевски, се работи за инвестиција од 12,2 милиони евра, обезбедени преку грант на ЕУ и поддршка преку ЕБОР.
„Со проширувањето и рехабилитацијата на овој клучен патен правец, дел од паневропскиот Коридор 8, ставаме крај на тешкотиите на граѓаните што го користеа и овозможуваме побрзо и побезбедно патување до граничниот премин Деве Баир.
Реализацијата на патните правци, кои се дел од Коридорот 8 и Коридорот 10 д, за нас се од особено значење бидејќи инвестициите во овие два коридора се политички и економски влог во нашата европска иднина.

Веќе го пуштивме во употреба магистралниот пат Куманово – Страцин, кој се рехабилитира првпат по повеќе од 30 години и каде што се вложени речиси 12 милиони евра. Во тек се градежните активности на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка и сега со рехабилитацијата на патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир го комплетираме источниот дел од Коридорот 8“, потенцира премиерот.
„Почнавме со реализација и на најголемата капитална инвестиција во историјата на нашата земја – Коридорот 8 и Коридорот 10 д – кои првпат ќе нè поврзат со исток и запад, со што Северна Македонија станува клучен транзитен центар.

Со изградбата на овие два коридора ги зајакнуваме врските со соседите, отвораме 8.000 работни места, создаваме можности за нови бизниси, ги вклучуваме во работа и домашните компании и стимулираме економски раст и зголемување на трговската размена. Дополнително, ќе има простор за нови бизниси и нови работни места во регионите во кои поминуваат коридорите со чија изведба се предвидува номинален раст на БДП од 2 % годишно во наредните пет години“, нагласи премиерот Ковачевски.