Ковачевски: На Мицкоски му се седи во чекалната на ЕУ

И Груевски сакаше да седи во чекалната 10 години, 20 и 50 години, но како што гледам денес живее во ЕУ, а не во Таџикистан, порача премиерот


Димитар Ковачевски (Фото: Б. Грданоски)

Некој за лична кариера сака да држи заложник цела држава. На Мицкоски му се седи во чекалната на ЕУ, 10, 20, години а тоа многу ме потсетува на неговиот претходник, кој сакаше да седи во чекалната 10, 20 години, но денеска живее во земја членка на ЕУ, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во Тема на денот во Дневникот на Сител Телевизија.

-На него ако му се седи во чекалната 10, 20, 50 години тогаш тој многу ме потсетува на неговиот претходник. Бидејќи и тој сакаше да седи во чекалната 10 години, 20 и 50 години, но како што гледам денес живее во ЕУ. Тој не отиде да живее во Таџикистан. Неговиот претходник отиде да живее во Унгарија. Ако толку не била добра ЕУ зошто отиде во ЕУ? Зошто отиде во земја членка на НАТО? Некој за лична кариера сака да држи заложник цела држава, рече Ковачевски.

Според него 80 отсто од граѓаните сакаат да бидеме дел од ЕУ. Иако ВМРО- ДПМНЕ беше против Договорот со Грција сега воопшто не го споменува, така што  со опозицијата ризикот е секој напредок досега да биде загрозен, вели тој. 

-Дел од преговарачката рамка е и договорот со Грција, тие се „за“ договорот или против договорот со Грција? Не го спомнуваат гледам. Комуникацијата со Грција на ДПМНЕ каква ќе биде со Северна Македонија? Ќе се придржуваат или нема? Добрососедските односи се основа на ЕУ. Ако ги погледнете Германија и Франција, нивната историја знаете што е. Погледнете ја битката на Вердан, битката на Сома, па таму имаат изгубено повеќе луѓе отколку што имаат изгинато во било кој друг дел од светот. Денес тие две држави заедно ја водат ЕУ, без разлика кој е власт во тие две држави, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Тој најави исто така дека дента кога ќе се изгласаат уставните измени, ќе поднесе оставка и ќе има избори.

-Ниту еден човек не се родил за да биде премиер, тоа е голема чест и одговорност, да спроведеш визија на граѓаните да живеат подобро и да бидеш со нив. И ако го погледнете моето експозе за потребата од усвојување уставни измени, јас таму бев апсолутно искрен што добиваме со ЕУ. Јас јавно кажав дека дента кога ќе ги изгласаме уставните измени, јас ќе поднесам оставка и ќе одиме на избори, кажа Ковачевски. 

Втората опција е, додаде тој, доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да станат дел од Владата, бидејќи тие зборуваа за општествен консензус исто како што јас зборувам, половина места од нашите ќе ги добијат.

-Услови имаат ДУИ да не учествува, тие поднесоа оставки, и другите албански партии кажаа еве и ние нема да учестуваме… Ќе бидат дел од Владата, ќе го завршиме целиот процес, ќе го завршиме скринингот, ќе отвориме едно или две поглавја и ќе затвориме едно од поглавјата. И ќе одиме на избори. Влада во која доминантно министри ќе има и ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски.

Кажа дека ќе има редовни избори, и претседателски и парламентарни и оти клучно е прашањето со уставни измени да биде решено, заради, како што рече, државата.

-Политички партии имало и ќе има, власти се менувале, но ние самите најдобро сфативме што значи изгубени години и декади, потсети Ковачевски. 

На новинарско прашање во однос на шпекулациите дека ВМРО-ДПМНЕ има поддршка од меѓународната заедница за брзи избори, па оттука и цврстиот нивен став дека уставни измени под бугарски диктат нема да има, кажа дека тие зборувале и за бугаризација и за асимилација, но повеќе за тоа не се зборува.

-Првин бугарски диктат е истиот збор којшто беше користен од претходникот на Мицкоски. Ама тогаш беше грчки диктат. Само што на овој диктат од нивна страна им претходеше бугаризација, асимилација и што уште не. Ама гледате сега дека бугаризација и асимилација не се користат како зборови, бидејќи не постојат. Стана јасно дека македонскиот јазик е дел од преговарачката рамка, дека на македонски јазик се преведува целото европско законодавство. Гледам некои политичари велат немало македонскиот јазик да биде официјален во ЕУ, па ако не биде зошто го преведуваат целото законодавство на македонски јазик…, рече Ковачевски.

На прашањето дали има договор со собранискиот спикер Талат Џафери до кога да ја држи отворена седницата за уставни измени и дали има краен рок, рече дека нема договор со Џафери и оти тој работи согласно Деловникот.

-Прво, јас немам договор со спикерот Џафери. Тој работи согласно Деловник. Ви кажав дека процесот започна, и тоа започна успешно, бидејќи се изгласа дневниот ред, се видоа позициите на политичките партии. Останува простор за разговор со ВМРО-ДПМНЕ, сметам дека тој разговор треба да се води институционално, Парламентот е најдобро место за тоа, за да на крајот дојдеме до решение кое што ќе биде во интерес на граѓаните, бидејќи граѓаните сакаат да живеат и заслужуваат да живеат во земја-членка на ЕУ, рече вечерва премиерот. 

Тој оцени дека Собранието има капацитет да донесе уште една голема стратешка одлука за граѓаните на државата, пред се за иднината на граѓаните, со која, како што рече, ќе го започнеме отворањето на кластерите, по успешното завршување на скрининг процесот и до 2030 година државата да стане членка на ЕУ.

 

На прашањето како планираат да ја пробијат блокадата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени во следните неколку седмици, премиетот повтори дека ова прашање како никогаш досега е од стратешки интерес како за Северна Македонија, така и за ЕУ, во светло на геополитичките случувања во Европа со војната во Украина.

-Тоа е едно од прашањата кои се високо на агендата и за САД. И не случајно тука беше еден од нивните најпроминентни сенатори, Марфи. Потоа имав средба со државниот секретар Блинкен, и не случајно и претседателката на ЕК и на ЕС и голем број претседатели и премиери имаа говор во нашето Собрание. Што значи дека се работи за заеднички стратешки интерес, како ретко кога досега. И првпат досега се случува ветото за нашата држава да не доаѓа од надвор, туку да доаѓа од внатре, и тоа од истите луѓе од кои секогаш имало блокади, рече Ковачевски. 

Додаде дека ова е почеток на процесот, каде што можеа да се видат ставовите на политичките партии.

-Интересно е што ВМРО-ДПМНЕ реши да не определи свој пратеник од политичката партија да ги изнесе нивните ставови, туку ставовите на нивната пратеничка група и коалицијата ги изнесе независен пратеник, што исто така, остава простор да се разговара нормално на сите нивоа со ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се убедат дека сега е моментот да се донесе оваа важна одлука, бидејќи сега е годината кога прво – можеме да ја одржиме втората меѓувладина конференција и второ – е пред изборите во ЕУ идната година, рече Ковачевски.