Ковачевски: Кој е за европскиот концепт, сега е време да се приклучи
Според премиерот, постојат шанси Алијансата за Албанците да влезе во Владата, но дали ќе се случи тоа ќе зависи од политичкиот договор кој се води околу програмски и кадровски прашања.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска повика на единство за членство во Европската унија, додавајќи дека во ЕУ имаме пријатели и имаме сојузници и поддршка за забрзување на преговорите, така што сега сѐ е во наши раце.
На заедничка прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, премиерот рече дека некои одлуки треба да се донесат поради сите граѓани во државата.
„Без оглед на партиската припадност, мора да има конструктивност во име на граѓаните и единството. Имаме многу проблеми како држава, на старт на преговорите сме и имаме јасно поставена цел – членство во ЕУ до 2030 година. Цел која е можеби преоптимистичка, но и не невозможна“, рече Ковачевски.
Тој во обраќањето кажа дека нема да дозволи ниту едно политичко прашање да му го одвлече вниманието од евроинтеграциите.
„Имаме јасен план и поставена цел, сега треба да се фокусираме на спроведувањето на реформската агенда“, потенцираше Ковачевски.
Следната недела, како што информираше тој, почнуваме со билатералниот скрининг за Кластер 2 – „Внатрешен пазар“, а досега е завршен билатералниот скрининг за Кластерот 1 – „Фундаментални вредности“.
„Досега имаме квалитетни презентации во сите поглавја, а коментарите од Европската комисија за досегашните презентации се одлични. Добар процент на усогласеност имаме во правната рамка во носењето на законите, но секако остануваат отворени прашањата на кои треба да се посветиме, а тоа се реформата на јавната администрација, механизмите за владеењето на правото и борбата со корупцијата. Овие теми ќе бидат отворени во текот на целиот преговарачки процес и затоа очекувам секоја институција да е на ниво на задачата и одговорно да пристапи кон овој процес“, нагласи Ковачевски.

Вицепремиерот Маричиќ дообјасни дека за Кластер 1, за кој земјава скринингот го заврши пред нешто повеќе од еден месец, ќе побара скининг извештајот да биде доставен до нас во наредните три до четири месеци, со цел тој да помогне во подготовката на Патоказите за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и функционирањето на демократските институции.
„Дополнително, во рамки на Патоказот за владеење на правото, ќе треба да подготвиме и Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците со мерки за недискриминација, борба против говор на омраза и образование. Ова се теми низ кои поминаа и во кои се подобруваа сите држави членки на ЕУ“, рече Маричиќ. Досега, според него, Бугарија не истакнала некое барање за овој дел од скринингот и извештајот за него треба да биде усвоен на Советот на министрите.
„Бугарија нема истакнато никакво посебно барање во текот на билатералниот скриниг, но ние во текот на креирањето на акцискиот план за малцинства секако ќе се консултираме со државите-членки на Европската унија бидејќи ќе треба како комплет документи да отидат на усвојување во Советот на ЕУ“, рече Маричиќ.
Тој додаде дека додека се подготвуваат и финализираат патоказите, во координација со Делегацијата на ЕУ се подготвува и реформски план кој ќе ни обезбеди поголем фокус и исполнување на клучните реформски приоритети во текот на годината.
„Јасно треба да ни биде дека пред нас е долготраен, масовен, комплексен и многу значаен процес од повеќе аспекти. Овој процес бара многу вложување напори, труд, знаење и финансиски средства“ рече Маричиќ.
Тој додаде дека со скринигот се добива прецизна, аналитичка презентација на состојбата во однос на усогласеноста на македонското право со европското.
„Ги нотираме недостатоците и ги дефинираме следните задачи на кои ќе треба да работиме за да ги постигнеме европските стандарди, во догледен рок, согласно определбата за членство во ЕУ во 2030. Ова е делот од евроинтеграциите кој практично ги ‘турка’ реформите дома, до целосна подготвеност на земјата за членство во Унијата“, рече Маричиќ.
Вицепремиерот кажа дека горд што како држава успешно се подготвивме и ги презентиравме сите области кои се дел од преговарачкиот процес и откри дека првичните коментари од сите вклучени страни се позитивни.
„Имаме историска прилика која не смееме да ја пропуштиме. Евроинтеграциите се најголемиот и најважниот македонски проект кој бара обединување и поставување на сите општествени чинители на начин на кој функционира и Европската Унија: Дијалог, солидарност, поддршка и компромис“ изјави вицепремиерот за европски прашња Бојан Маричиќ на прес-конференција.
Тој, како и премиерот Димитар Ковачевски, повика на обединување и на политички консензус околу иднината на државата.
„Јас како главен преговарач со ЕУ повикувам сите заедно да покажеме дека визијата и желбата земјата да ја направиме членка на ЕУ до 2030 е реална и поважна од сè кога е во прашање нашата иднина. Тоа ќе биде потврда на нашата политичка зрелост, дипломатска умешност и административна способност“ рече Маричиќ.
Запрашан дали во текот на скринингот за првиот кластер за фундаментални права биле споменати скандали во судството Маричиќ рече дека , напротив, тој бил еден од поуспешните скрининзи и дека на нив имало преставници и од судскиот совет, советот за јавни обвинители и од државните обвинителства кои го кажале, како што рече, својот дел од приказната преставувајќи ги постигнувањата, но и слабостите.
Околу тоа дали Алијансата за Албанците конечно ќе стане дел од владината коалиција, Ковачевски одговори дека постојат шанси оваа партија да влезе во Владата, но дали ќе се случи тоа ќе зависи од политичкиот договор кој се води околу програмски и кадровски прашања. Но тој нагласи дека сите што сакаат да се приклучат на европскиот концепт на Владата, сега е време да го направат тоа.
„Во моментов не е предвидена лидерска средба. Ако има потреба ќе биде закажаната“, порача Ковачевски. (Н.В.)