Ковачевски ќе разговара со Шукова, откако фотографии од екстремитети и абортирани бебиња се појавија за Дрисла


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека Владата не управува со депонијата „Дрисла“, туку Градот Скопје, но потенцира дека уште денеска ќе разговара со министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и ресорното министерство да ги направат контролите и проверите за точно да се утврди што се случува во депонијата.

Имено, Демократското движење на Изет Меџити заедно со жителите од Каршијака и Батинци денеска одржуваат протест, затоа што сметаат дека депонијата претставува јавен проблем, здравствен и амбиентален.

„Последните слики објавени на социјални мрежи, каде покрај отпадот видовме и абортирани бебиња и разни екстремитети на луѓе кои се влечат од бездомните кучиња, се надминуваат и најстрашните сцени од хорор филмови, кои истовремено можат да бидат и извор на болести. Ова состојба во континуитет ги става под опасност и тешко им го нарушува здравјето на над 50.000 жители, на село Батинци (која се наоѓа околу 500 метри далеку), како и на други населени места од регионот на Каршијака, населбата Драчево и пошироко“, велат организаторите на протестот.

Затоа, ги повикуваме надлежните институции веднаш да се справат со ова проблематика!“, се додава во соопштението на Демократското движење.

„Точно е дека Владата не управува со Дрисла. Тоа е комунално претпријатие во рамки на Градот Скопје. Она што Владата може да го направи заради граѓаните на Градот Скопје и на било кој друг надвор од државата, тоа државата ќе го направи. Откако ги добив овие информации, јас планирам уште денеска да имам разговор со министерката за животна средина и во рамки на можностите на МЖСПП тие да ги направат своите проверки и контроли, за да се утврди што точно се случува, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на Скопскиот економски и финансиски форум „SEFF 2023“.