Ковачевски го доби мандатот, сега треба да ја состави владата

Мандатарот најави дека економијата ќе биде главен фокус на новата влада и дека на државата ѝ се потребни „стабилни, храбри и одговорни луѓе кои ќе понесат одговорност


Пендаровски и Ковачевски за време на враќувањето на мандатот за составување влада (Фото: Б. Грданоски)

 

На пригодна церемонија во вилата „Водно“ шефот на државата, Стево Пендаровски, денеска му го врачи мандатот за составување влада на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски со што почна 20-дневниот рок за формирање на новиот кабинет.

Пендаровски рече дека мандатот го дава на Ковачевски врз основа на членот 84, став 1, алинеја прва од Уставот и известувањето за предлогот за мандатар доставено од СДСМ, а поддржано од политичките партии во состав на коалицијата кои заедно го имаат мнозинството пропишано со Уставот во Собранието.

Во кусото обраќање Ковачевски нагласи дека доделениот мандат за него бил чест и одговорност и дека од денеска почнува со формирање на новиот тим луѓе „кои треба да одговорат на сериозните предизвици кои нѐ чекаат од почетокот на следната година“.

Според него, државата и општеството се соочени со долгогодишни проблеми и оти затоа се потребни „стабилни, храбри и одговорни луѓе кои ќе понесат одговорност, да се соочат и да ги надминат сите пречки со цел заштита и грижа за граѓаните“.

 

Потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење, рече Димитар ковачевски во своето обраќање (Фото: Б. Грданоски)

 

Тој најави дека новата влада ќе има јасна цел – обезбедување сигурност, подобар живот и иднина за граѓаните.

„За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење што ќе биде одлика на тимот кој јас како мандатар ќе го составам“, нагласи Ковачевски. Тој рече дека ќе се залага да се врати довербата на граѓаните во полиитиката и во институциите. Вети дека ќе се залага за независни институции и правично општество.

Ковачевски го повтори она од пред неколку дена кога беше избран од СДСМ за мандатар – дека фокусот на новата влада ќе биде на економскиот развој на земјата и финансиска поддршка за семејствата. Според него, не смееме да дозволиме политички поделби и бескрајни расправии кои, како што рече, прават голема штета на развојот и реализација на проекти и реформи кои се потребни за подобар живот на сите.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера рече дека очекува собраниската седница за избор на владата да биде на 15 и 16 јануари. Новото парламентарно мнозинство со приклучувањето на Алтернатива сега брои 64 пратеници. (Н.В.)