Ковачевски гневен од она што беше кажано во интервјуто на Латас


 

Разговорот на новинарот Драган Павловиќ – Латас со јутјуберот Стефан Лазаров денеска се најде и на собраниската говорница за време на пратеничките прашања. За тоа му беше поставено прашање на премиерот Димитар Ковачевски.

Тој силно го осуди, рече дека е многу гневен, но сепак бираше зборови да не го попречи правото на слобода на мислење и говор. Ковачевски рече дека прво ќе зборува како човек и татко, а потоа како премиер. Тој зборуваше дека има 17-годишна ќерка и приказните на „фиќото“ и девојката предизвикале голема вознемиреност кај него.

„Слушнав за ова пред неколку дена и оттогаш до денес кога и да помислам на случајот навистина се вознемирувам и се чувствувам гневно. Ова однесување не само што е срамно за мажите, не само тука, туку и во светот, ова е срамно за сите луѓе и за секое човечко битие. Јавното промовирање и поддржување на сексуално насилство и сексуална злоупотреба е целосно неприфатливо“. рече премиерот.

Тој кажа дека не смее да се толерира вакво понижувачко, омаловажувачко, деградирачко третирање на жената.

„Секое вакво однесување мора да биде јавно осудено и да испрати јасна порака дека насилството врз жените е неприфатливо. Загрижувачки е што слушавме не само за чин на сексуално насилство, туку и што бевме сведоци како соговорниците радосно и без грам грижа на совест и свесност колку штета нанесуваат, се смеат и ликуваат додека дискутираат“, додаде премиерот.

Ковачевски ја поздрави силната јавна осуда, но мисли дека тоа не е доволно. „Затоа ги повикувам институциите да го истераат овој случај до крај. Да покажат дека сепак во Македонија имаме владеење на правото. Воедно го повикувам и Здружението на новинарите да се оградат од колегите кои шират ксенофобија и дискриминација, бидејќи такви луѓе не се достојни да пишуваат и да зборуваат пред јавноста. Исто така, ги повикувам и ВМРО-ДПМНЕ и господинот Мицкоски да ја најде и да ја искине партиската книшка на секој еден нивни член кој самоиницијативно решава да шири наратив со кој сега генерации млади ќе мислат дека е во ред да се зборува на тој начин за сексуално насилство и да се однесуваат мизогино и дискриминаторски. Фактот што тој не го стори тоа досега мене лично ме ужаснува, ама не сакам ова прашање да го претворам во политичко прашање“, рече тој.