Ковачевски ги пречека Вучиќ и Курти во облеаниот од сонце Охрид

Без дијалог нема решение на проблемите, заклучија македонскиот премиер, неговиот косовски колега и српскиот претседател во одвоени разговори


 

Премиерот Димитар Ковачевски во Охрид ги пречека претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти посакувајќи им успешни разговори. Неизвесно е дали ќе има некој позитивен исход од денешните разговори со посредништво на шефот на европската дипломатијата, Жозеп Борел, и специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

Посакувајќи му добредојде на Вучиќ во Охрид, Ковачевски ја потврди важноста која Македонија ја придава на одржувањето на овој состанок на високо ниво.

Ковачевски го поздрави учеството на Србија на разговорите во Охрид и изрази задоволство дека со посредство на Европската Унија се овозможува отворен дијалог кој е од голема важност за регионалната стабилност и безбедност, а кои ќе се чекор напред кон европскиот пат на регионот. Македонија е токму пример за земја која сите отворени прашања со соседите ги решава на мирен и демократски начин, преку дијалог, со цел напредок, подобра иднина и подобар животен стандард за граѓаните.

Ковачевски и Вучиќ се согласија дека мирот не само во двете земји туку и во целиот регион е важен, а дијалогот е битен за подобрување на односите. Ковачевски и Вучиќ потенцираа дека евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан е од политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ.

Премиерот оствари билатерална средба со косовскиот колега Албин Курти, кому исто така му посака успешни разговори за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, како важен чекор за консолидација на регионот и неговата европска интеграција. Ковачевски уште еднаш ја реафирмира поддршката на Северна Македонија на евро-атлантските аспирации на Косово и подготвеноста да даде свој придонес во оваа насока.

Ковачевски и Курти се согласија дека воените дејствија и раздори карактеристични за Балканот, треба еднаш засекогаш да станат минато, а регионот да се движи кон напредок, добрососедство и градење на силна економија која значи подобар стандард за сите

Претходно Ковачевски како домаќин во вилата „Билјана“ ги пречека и шефот на европската дипломатија Жозепп Борел, како и специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак. Тие се согласија дека местото на Западен Балкан е во Европската унија особено во услови на геополитички превирања, длабока поделеност на светот и воена агресија на европскиот континент. Во тој контекст изразија задоволство од отвореноста на Србија и Косово по пат на дијалог да ги решаваат отворените прашања во име на подобра иднина за целиот Западен Балкан.