Ковачевски ги нарече политиканти и заштитници на статус кво противниците на уставните промени

Силјановска Давкова порача дека не можеме да правиме именик од преамбулата, а патот до Брисел не смее да води преку Софија, нарекувајќи ги уставните измени - уставен „садомазохизам“


Фото: Б. Грданоски

Да донесеме одлука, да чекориме, а не да стоиме. Да дојдеме до членство во ЕУ во 2030 година, порача од собраниската говорница денес премиерот Димитар Ковачевски, образложувајќи ги аргументите за уставните промени, за кои почна расправата.

Тој нагласи дека предлогот за уставни промени е наш, македонски, напишан во нашата држава, отфрлајќи ги тезите дека има некаков диктат од било кого да се донесе одлуката Бугарите и неколку други делови од народи да се впишат во Уставот. Според него, се случува токму спротивното од тоа што го тврделе политикантите, бидејќи сега на македонски јазик се зборува и пишува во Брисел, поддршка за нашиот идентитет ни дале Берлин и Вашингтон, а за првпат е потпишан договор со ЕУ на македонски јазик.

Речиси нема дебата во парламентот, посочи тој,  што одредени структури и поединци не ја користат за да сејат  страв и  омраза и за да го преплавуваат просторот со лаги и црнила, додавајќи дека секој разумен човек во државата знае дека вметнувањето на друг народ  нема да ги загрози атрибутите на македонскиот  и ниту едно македонско идентитетско прашање. 

-Секој разумен човек знае и гледа дека предлогот нема да се одрази негативно на кои било атрибути. Уставните измени не загрозуваат идентитетско, македонско прашање. Тоа им е целосно јасно на сите во државата и затоа денеска, кога ќе ги видите улиците на Скопје и сите улици во државата, ќе видите дека сè е мирно и граѓаните очекуваат одлука за европската иднина“, оцени тој.

Триесет години, рече Ковачевски, политичари и бизнисмени ,кои направија професија од идентитетските прашања, сејат хистерија и страв во општеството и ги плашат граѓаните со катастрофи, распади и мрачни сценарија. Се бориме да создадеме шанса, да покажеме резултати. Се бориме со чесност, искреност и со силината на аргументите. Се бориме со тие кои сакаат статус кво во општеството за да се спасат од криминалите, рече Ковачевски повторувајќи на крајот дека сега ќе стане јасно кој е за евроинтеграција а кој е против. 

-Ни треба разум, визија и најмногу од се, чесна работа. Владата ја донесе одлуката. Таа веруваме е најдобра, таа овозможува финална шанса, спречува стоење во место, апатија, криминал и корупција. На потег е Собранието. Сите пратеници сте рамноправни. Со гласање за, сите ќе бидеме победници, со гласање против, сите ќе бидеме губитници. Граѓаните не сакаат пораз. Избори ќе имаме догодина. Човечки апелирам на разум, чесност и водење од европски, а не лични мотиви. Денес е денот кога ќе стане јасно кој навистина ја сака државата во ЕУ, а кој ја блокира иднината на денешните и идни генерации. Јасно ќе биде кој бега од одговорност од граѓаните. Денеска ќе се види дали дел од тие што беа против ќе се одважат да гласаат за, заради граѓаните и државата. Да бидеме пример за државничко однесување, додаде премиерот Ковачевски.

Според негова оценка, ново вето за што било и кој било – нема да има при преговорите. На крајот се осврна и на минатото како аргумент, опишувајќи го како тешко, мачно и со корупција, па ги праша пратениците дали сакаме правна држава, што ја немавме досега.

Пред почетокот на седницата имаше тешки партиски прекупувања со соопштенија, а во едно од нив  координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, Никола Мицевски го повтори ставот на партијата која најави дека нема да ги поддржи уставните измени.

-Ден за историја! Не за уставни измени! Македонскиот народ има своја засебна историја, култура и свој македонски јазик, а Македонија јасен државно – политички континуитет, напиша Никола Мицевски на социјалните мрежи. По говорот на Ковачевски од партијата испратија соопштение во кое порачаа дека потонале лагите на  мнозинството сите 44 пратеници на коалицијата околку ВМРО-ДПМНЕ гласале против дневниот ред, а само 70 биле „за“.

Гордана Силјановска Давкова се јави во име на ВМРО-ДПМНЕ, но презентираше „лични ставови“ во расправата. Таа најпрво посочи дека принцип на меѓународното право е немешање во внатрешните работи , но дека изминатите 40 години на Македонија и се случува обратното, што го нарече „уставен садомазохизам“, откако претходно зборуваше за уставен патриотизам и за австроунгаризација на ЕУ. Дури спомена и правно барање разврска за условите што ни ги постави Унијата, тврдејќи дека е лажна дилемата дека решаваме за Запад или за Исток, туку дали Македонија ќе биде пристојна мала држава или протекторат. Никогаш никаде преамбулата не била гаранција и место за промоција на етнички идентитети, рече таа, туку таа е филозофијата на Уставот, духот, метафизиката, но дека духот сега го нема. Па, запраша, од кого извира легитимитетот за уставните измени – од ЕУ или од граѓаните, дали тоа го истакнале на минатите избори и дали партиите од власта имаат мандат да ги направат промените? 

Очигледно со намера позицијата на ВМРО-ДПМНЕ да се покаже како интелектуална и стручна, а не националистичка или квази патриотска, Силјановска се повика на се што  одеше во прилог на тоа да ја одбијат промената на Уставот, од Лисабонската декларација на ЕУ, Рамковната конвенција за национални малцинства на Советот на Европа, Копенхашките критериуми и слично. Таа пред се нагласи дека од 2009 во ниту еден извештај  за Македонија немало забелешка за отсуство  на Бугарите во Уставот, а ЕУ се обврзува во своите документи дека  ќе ги почитува историјата, традицијата и културниот идентитет на сите  држави членки , дека го прифаќа правото на самоопределување и принципот на немешање во внатрешните работи.  Но, денес, рече таа, сме соочени со војна и, со правење или неправење ,сите имаме одговорност за она што ни доаѓа од соседството.

-Не сме против ЕУ, не сме против Бугарија, но Членот 8 од Лисабонскиот договор  повикува на реципроцитет во меѓународните односи , рече таа, па побара од Бугарија да ја почитува Раммковната конвенција за национални малцинства што ја потпишала и во нејзиниот Совет за национални малцинства да вклучи и Македонци. 

Иако  ВМРО-ДПМНЕ одби да учествува во утврдувањето на амандманите, каде што можеше да ги каже забелешките, Силјановска порача дека уставните амандмани се “катастрофа“, дека пристапот во нивното подготвување бил лаички и погрешен, односно дека не постои друг устав во кој се зборува за делови од народ, па ние ќе ја штитиме бугарската дијаспора надвор.

-Не можеме да правиме именик од преамбулата, важна е суштината, Важно е да ги одбраниме Копенхашките критериуми. Не смее патот за Брисел да води преку Софија. Крајно време е да покажеме дека сме пристојна европска држава, рече таа, повикувајќи да не се поддржи предлогот за промена на Уставот и да се прашаат граѓаните што мислат на избори.

Според неа, ако промената на Уставот е евроинтегративен фактор, ние ќе претседававме со ЕУ.

– Што би рекол денеска господин Бадентер, некогашниот претседател на ЕК? Тој уште во 1992 година, кога уште уставот не беше „изладен“, препорача веднаш да усвоиме еден амандман во кој ќе напишеме дека немаме територијални претензии кон соседите, да го смениме знамето и тогаш портите на ЕУ за нас ќе бидат шриум отворениИ така, тоа трае до денес, како во 1001 ноќ. Ако промената на уставот беше евроинтегративен фактор ние денеска ќе претседававме на ЕУ! Не, наметнатите уставни измени не одат рака под рака со европската демократија – рече Силјановска.

Тоа што нема протести пред Собранието за ДУИ е потврда дека граѓаните даваат поддршка на процесот за уставни измени. Пратеникот Арбер Адеми посочи дека ова е показател дека граѓаните не сакаат конфликти, туку мир. Според него, денеска паѓаат маските и пратениците ќе си го покажат вистинското лице.

-Да видиме како изгледа булеварот 11 октомври пред Собранието, каде што сме ние. Денешната слика пред булеварот е показател дека граѓаните се за европска иднина. Денешната слика се потврда дека граѓаните не сакаат поделби, туку сплотување за ЕУ. Граѓаните не сакаат конфликти, туку сакаат мир. Дека не сакаат да бидат со Русија и Истокот, туку со Америка и Европа. И таа слика покажува и докажува дека граѓаните се за ЕУ, подобар животен стандард, за интеграција, а не за изолација, непредвидливост. Сликата на булеварот е најголем пораз на илозациските сили, кои ја тероризираат јавноста со непостојни и измислени стравови. Стравови од Албанци, Срби, Грци, Бугари. Граѓаните си седат спокојно дома за да ја донесеме последната и најважна одлука за државата, рече Адеми.

Според него, во Собранието се решава второто најголемо прашање по зачленувањето на Македонија во НАТО.

-Убеден сум дека секој од вас ѝ посакува добро на државата, додаде тој, нарекувајќи го предлогот за уставни измени билет во еден правец за ЕУ.

Скендер Реџепи – Зејди, независен пратеник, кој во својата дискусија предложи во Уставот да бидат додадени и Торбешите и Гораните, оцени дека Македонија денес ја има шансата да го фати возот за ЕУ, но изрази песимизам дека тоа ќе се случи. Албанците не треба да бидат заложници на патот кон ЕУ заради „неколку пратеници“, нагласи тој, предупредувајќи дека во блиска иднина би можело да се случи некои албански општини сами да почнат да го бараат патот кон ЕУ.

Тој  рече дека  Македонија денеска е на голема крстосница и рече дека смета оти земјата има капацитети да биде дел од ЕУ.

-Најдобриот пат за сите граѓани на Македонија е да се отворат нови хоризонти и да се затворат старите оптоварени со етнички прашања. Како тоа ќе се стори? Се разбира со прифаќање на сите народи како еднакви во Уставот. Предлагам да бидат вградени и Гораните и Торбешите. Добро е да се смени Уставот, но тоа нема да се случи. Ќе се гласа против Бугарите да влезат во Уставот. Проблемите меѓу Македонците и Бугарите нема да се решат со Уставот, ставени во него или не, историските проблеми ќе останат. Не се решаваат проблемите преку пратениците, туку преку историчарите, рече Реџепи.

Не е чесно да се краде иднината на граѓаните за ситни политички поени и борбата за власт, порача координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески. Како што оцени, не вреди борбата за власт ако се загрози иднината.
-Можеме да се расправаме за многу теми, но за вакви прашања имаме одговорност за иднината и за сите граѓани. Државата мора да оди напред, а неизвесноста да биде се помала. Членството во ЕУ како стратешка цел оставено од независноста не е случајно поставено. После 17 години во чекална, 11 години во изолација, минатата година ги започнавме преговорите со ЕУ. Со усвојување на уставните измени го продолжуваме европскиот пат, ова е историска шанса за која имаме силна поддршка од нашите партнери САД и ЕУ – истакна Митрески.
Она што беше видливо од расправата е дека изостанаа вообичаените меѓусебните навреди и препукувања и дека се држеше некое ниво во излагањата. Очекувањето е расправата да заврши денес бидејќи само осум пратеници се јавија за збор покрај Ковачевски, а гласањето да се оддложи за друг датум.

Дебатата за уставни измени е единствена точна на дневен ред на денешната седница. Согласно деловникот, расправата може најдолго да трае до 10 дена, но нема рок кога мора да се гласа. Тоа значи дека гласањето може да се се случи и на крајот од овој состав на парламентот, односно пред распуштањето заради редовни парламентарни избори. Предлогот за уставни измени нема да важи доколку Собранието се распушти и не бидат донесени уставните измени. Потоа доколку новата влада има желба за уставни измени, ќе мора повторно како предлог да ги достави до Собранието, а тоа да ги стави првично на комисија и потоа  на редовна пленарна седница.