Ковачевски – Дрекслер: Јасна германска поддршка за следниот чекор кон ЕУ


За европската перспектива на Северна Македонија се потребни заложбите и поддршката од сите политички чинители во државата. Евроатлантскиот развој на Република Северна Македонија е фактор за стабилност за целиот регион и за Европа. Ова е констатирано на денешата средба на премиерот Димитар Ковачевски со Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија во земјава.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата од двете страни се изразени определби за натамошен активен развој на македонско-германското партнерство коешто е долгогодишно и силно и годинава се заокружува во 30-годишнина од воспоставувањето дипломатски односи.

На состанокот, како што се наведува, е разговарано за повеќе актуелни прашања од значење за нашата држава и регионот, за унапредувањето на одличната економска соработка меѓу Северна Македонија и Германија и за предизвиците во европскиот и геополитички контекст. Пренесена е јасна германска поддршка за следниот чекор во европските интеграции на нашата земја.
 
 
Ковачевски потсетил дека Германија е важен партнер на Северна Македонија од воспоставената независност, сојузник во НАТО, ОН и ОБСЕ, еден од најсилните поддржувачи на нашата интеграција во Европската Унија и на економски план, прв трговски партнер во последните години, со најголем обем на тргување минатата година, од околу пет милијарди евра, петти странски директен инвеститор и еден од најголемите билатерални развојни партнери на Северна Македонија.

– Со активната и континуирана поддршка на Германија, која доби на дополнително значење за време на германското претседателство со ЕУ во 2020 година, направивме историски чекор напред во евроинтеграциите, по 17 годишен статус кво како земја кандидатка и ги започнавме преговорите за пристапување во Унијата лани во јули. Од исклучително значење се и денешната поддршка и охрабрување коишто ги добиваме од Германија за продолжување на европските интеграции. Германија е пријателска држава којашто е високо ценета од нашите граѓани. Како Влада ќе ги преземеме сите потребни политички чекори да ја осигураме европската иднина, рече премиерот Ковачевски.

На состанокот е нагласено значењето на Берлинскиот процес, како основна и сеопфатна движечка сила на регионалната соработка на највисоко ниво во делот на воспоставувањето заеднички регионален пазар на Западен Балкан и на Зелената агенда и е истакната улогата на Република Северна Македонија како промотор на дијалогот и културата на дијалог во регионот.