Ковачевски до Николоски: Ние го браневме идентитетот во Брисел, вие молчевте


Фото: Б.Грданоски

Премиерот Димитар Ковачевски на седницата за пратенички прашања во Собранието рече дека  нема да дозволи „ прифаќање на идеи кои што не прават јасна заштита на македонскиот јазик и идентитет“.

„Повторувам, историските прашања не можат да бидат критериум за преговарачката рамка и во преговорите со ЕУ или со која било организација. Преговорите со ЕУ мора да започнат со одржување на меѓувладина конференција пред да бидат отпочнати измени на Уставот за внесување на Црногорците, Хрватите, Бугарите и други заедници во преамбулата. И ЕУ и Бугарија ќе треба да изнесат гаранции дека нема да има други барања“, рече в Ковачевски.

Пратеникот Александар Николоски  му постави прашање – дали ќе поднесе оставка затоа тоа што Македонија, како што рече, е пред национална катастрофа поради штетниот по националните интереси францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија за кој, како што нагласи, се чини дека уште се водат преговори.

„Негативен е мојот одговор на барањето за избори, а нашиот став во Брисел за францускиот предлог беше јасен и конкретен”, одговори Ковачевски.

Според него, не треба  да има предвремени парламентарни избори бидејќи не се во интерес  на граѓаните во овие услови. Потоа тој  возврати со напад на ВМРО-ДПМНЕ на истата тема, споменувајќи дека во Резолуцијата на Европската народна партија се негира идентитетот на македонскиот народ, а таму присуствуваше највисока делегација на ВМРО-ДПНЕ, но не видовме изјава дека се спротивставиле.

„Ние ги браниме интересите пред 27 земји на ЕУ, а вие не се изјаснивте. Сите граѓани се борат за својот национален интерес и гордост. Ние во Брисел го кажавме тоа што требаше да се каже, без да навредиме кого било, ниту дома, ниту надвор од земјава“, рече Ковачевски.

Николоски на тоа рече дека Македонија го добила најлошиот предлог во споредба со кога било претходно. Директно се негира македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, култура, историја, традиција, македонскиот народ, рече тој.

„Незамисливо е дека една Франција поднесува предлог без да ги консултира двете земји. Делегации од Франција беа во посета и на Скопје и на Софија. Сигурно не биле тука за да ги гледаат знаменитостите на Скопје“, рече Николоски.

На тоа Ковачевски возврати дека нема шанси да прифати историските прашања да бидат критериум за преговарачката рамка и во преговорите со ЕУ или со која било организација.

„За мене, за претседателот на државата, за коалициските партнери и за граѓаните не се прифатливи идеи кои што не прават јасна заштита на македонскиот јазик и идентитет и кои што во мултилатерални преговори со ЕУ ќе бидат исклучиво за прашања поврзани со мерит – системот, односно да нема билатерални прашања во мултилатерални рамки. Уште еднаш пред вас повторувам дека историските прашања не можат да бидат критериум за преговарачката рамка и во преговорите со ЕУ или со која било организација. Преговорите со ЕУ мора да започнат со одржување на меѓувладина конференција пред да бидат отполнати измени на Уставот за внесување на Црногорците, Хрватите или Бугарите во преамбулата. И ЕУ и Бугарија ќе треба да изнесат гаранции дека нема да има други барања во однос на нашите интегративни процеси. Ако биде така, подготвени сме да разговараме. Како и секоја друга држава, така и ние треба да влеземе во ЕУ со сите наши различности кои ќе бидат почитувани, како што ние ги почитуваме туѓите различности“, рече Ковачевски.

Во тој контекст Ковачевски го нагласи и примерот со Отворен Балкан која иницијатива се темели на европски вредности за слободно движење на луѓе и материјални добра. 

„Преку глава ми е кога од земји кои се во ЕУ, кои немаат граничен режим, а ни нудат средства за подобрување на граничниот режим. Ете, во таа насока се заложбите на Отворен Балкан“, нагласи Ковачевски.

„Еден ден ќе бидеме членка на ЕУ. Затоа што европски се однесуваме и членството го заслужуваме“, ја заврши дискусијата Ковачевски.

 Николоски потоа го праша премиерот дали во Македонија сега се  живее подобро, оценувајќи дека она со што се соочуваме е национална катастрофа и економска пустош. Ковачевски потоа наброја што се е направено откако СДСМ ја презеде власта.

„ Јас ќе ви дадам споредби, па вие ќе ми кажете кога се живеело подобро. Минималната плата е зголемена 100 проценти во нашиот мандат. Сите вие ме критикувавте зошто застанав зад зголемување на минималната плата. Дури економистите од ВМРО-ДПМНЕ јавно кажуваа да не се качува минималната плата. Просечната плата е качена. Во сите ТИРЗ зони сите плати се над просечната плата. Ако зборуваме за младинската невработеност таа беше 47 проценти, сега е падната на 28 проценти… Во светот има највисока инфлација по Втората светска војна, а имавме  зголемување на пензиите. Порано на пензионерите им беа зголемувани пензиите еднократно, пред избори. Воведовме методологија да не биде така“, кажа Ковачевски.