Ковачев: Москва се меша во комплексните односи меѓу Бугарија и Македонија
Откако стана јасно дека ќе има нови избори во Бугарија, поразените политички структури ја обновија темата со Македонија, надевајќи се дека така можеби ќе добијат шанса да се вратат на власт. Така, европратеникот Андреј Ковачев од ГЕРБ, кој беше еден од најгласните на оваа тема, реагираше „гневно“ на Твитер објава на руската амбасада во Скопје тврдејќи дека Москва почнува да се меша во комплексните македонско-бугарски односи.
За реакцијата на Ковачев јави „Медијапул“, известувајќи дека во, според нив, провокацијата на руската амбасада на Твитер се обвинува Бугарија дека ја нападнала Македонија во 1941 година. Овој период, смета медиумот, е еден од најчувствителните и сите коментари на оваа тема очекувано ги палат страстите.
„Пред 80 години, на 18 април 1941 година, Бугарија, тогаш сојузник на фашистичка Германија, ја нападна Македонија. Два месеци подоцна нацистите го нападнаа СССР. Вечна слава на Русите, Македонците и другите храбри војници кои се бореа против нацистичката чума!“, гласи објавата на руската амбасада што завршува со хаштаг # СмртНаФашизмот.
Ковачев овој пост го опиша како „уште еден обид за ескалација на тензиите меѓу Скопје и Софија“.
„Уште еден пример за ‘исклучително добронамерна и во согласност со историските факти’ политика на Кремљ на Балканот. Подели па владеј!“, напиша тој на својот профил на Фејсбук.
„Добро е познато дека до април 1941 година Сталин и Хитлер беа сојузници. Бугарија никогаш не ја нападна Кралска Југославија, а Македонија воопшто не постоеше како држава и беше под сурова српска окупација. Дури и зборот Македонија беше забранет од Србите. Затоа нашите предци беа поздравувани од своите сонародници како ослободители од повеќедецениското ропство. Колку тажно кога лагите се толку јасни и со јасна желба да нѐ скараат што е можно повеќе“, забележува Ковачев.
Неговата загрижена реакција дојде вчера, иако постот на руската амбасада беше објавен на 18 април, односно пред десет дена, кога ГЕРБ се обидуваше да формира влада и е патем дел од серијата вакви постови по повод 9 мај. Бугарското Министерство за надворешни работи, според медиумот, не реагирало на објавата.
Според оценката на „Медијапул“, Македонија спроведува масовна дипломатска кампања во која се претставува целосно како жртва на Софија и одбива да направи какви било отстапки на Бугарија.
„Владата на социјалдемократот Зоран Заев исто така го зајакна својот став, вклучително и поради притисокот од најголемата опозициска партија, проруската ВМРО-ДПМНЕ, која организира протести против Бугарија. Неуспехот на Софија да ги регулира односите со Скопје отвори можност за зајакнување на влијанието на трети земји во регионот. Европски и американски дипломати повеќе од еднаш предупредија дека чувањето на Северна Македонија надвор од ЕУ е стратешка грешка. ДПС е единствената голема партија во Бугарија што ја брани потребата од поумерена политика кон Скопје. Главните политички партии, вклучително и Има таков народ, продолжуваат со тврд курс кон Северна Македонија“, оценува „Медијапул“. (Н.В.)