Ковачев: Макрон не може да ги гарантира нашите интереси во Македонија


 

Бугарија не може да прифати како гаранција ниту една усна или писмена изјава. Изјава во име на претседателот на Франција, Емануел Макрон, или во име на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, или кој било друг, не е гаранција.

Ова во интервју за БГНЕС го изјави европратеникот Андреј Ковачев, потпретседател на Европската народна партија и еден од големите познавачи на бугарско-македонските односи. Ковачев за БГНЕС ја коментира најавената и непотврдена посета на претседателот Румен Радев и на премиерот Кирил Петков на Франција. Таму се очекува да го одобрат предлогот на претседателот Макрон за укинување на ветото за почеток на преговорите за членство на РС Македонија во ЕУ.

„За нас гаранција може да биде само доколку нашите точки од Рамковната позиција  и Декларацијата на бугарскиот парламент, како и елементите на Договорот за пријателство и добрососедство бидат вклучени во преговарачката рамка што треба да ја усвојат сите земји-членки“, рече бугарскиот европратеник.

Ковачев истакна дека од страна на Македонија  нема ни педа раздвижување за ниту една од темите кои се важни не само за Бугарија, а се поврзани со основните европски и човечки вредности.

„Фалсификувањето на историјата денес води кон дискриминација. Затоа немаме културно-историски спор со елитата на РСМ, туку проблеми поврзан со човековите права, со дискриминација, што е последица на фалсификувањето и едукацијата, што доведува до дискриминација“, рече европратеникот.

Тој додаде дека Бугарија има консолидирана позиција за почеток на преговорите за РСМ со ЕУ, која не е ограничена само на владејачката партија.

„Нашиот став е точките што ги предложивме да се вклучат во преговарачката рамка за пристапување на РСМ, што треба да биде прифатено од сите земји-членки во Советот. Ако претседателот Макрон има нешто ново да ѝ каже на Бугарија, треба да знаеме. Но, во никој случај не треба да се согласуваме ако некој ни пушти нешто однадвор и рече дека се јавува да ви го даде тоа што треба да го прифатиме“, рече европратеникот.

Според него, во моментов не е јасно какви се  предлозите на Макрон.

„Во моментов е апсолутно нејасно што има да каже Макрон, што прифатиле во Скопје, бидејќи тие се земја кандидат и мора да ги преземат сите чекори за надминување на омразата, дискриминацијата и фалсификувањето на историјата, а сето тоа поврзано со југословенското наследство и комунистички режим“, заклучи Андреј Ковачев.