Копач: Со конкурентни тендери Македонија привлекува инвестиции во енергетиката


Северна Македонија како држава ќе добие пари од деактивирање на својата централа за јаглен, вели Јанез Копач

Јанез Копач го пофали начинот на кој Македонија преку фотоволтаици ќе ја стави повторно во функција електраната Осломеј

 

Јанез Копач, директор на Секретаријатот на енергетската заедница, меѓународна организација основана помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан и регионот на Црното Море, во интервју за „Еурактив“ ја пофали нашата земја за конкурентни тендери со кои привлекува инвестиции во обновливи извори на енергија, како и за усогласеноста на нашето законодавство во оваа област со европското.

Тој во интервјуто нагласува дека нееднаквостите меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан во однос на енергијата стануваат сè поголеми, со тоа што многу од нив сè уште се зависни од високо-загадувачките централи на јаглен што обезбедуваат евтина електрична енергија, како и приходи за владите и локалното население.

„Тие ги молзат централите на јаглен до горчливиот крај“, вели Копач, додавајќи дека 16-те термоцентрали во Западен Балкан се застарени и произведуваат поопасни емисии од 250-те централи на јаглен на територијата на ЕУ.

Постојат и големи разлики меѓу земјите кога станува збор за усогласување со законодавството на ЕУ во делот на енергетиката.

„Според нашиот индикатор за имплементација, кој последен пат беше ажуриран во ноември, Договорните страни транспонираа приближно 60 оттсто од законодавството  на ЕУ во однос на законот за енергетика, вели тој. „Северна Македонија и Црна Гора се многу напредни, Косово и Србија се во средина, а Босна и Херцеговина се бори со нивната уставна дилема“, вели првиот човек на Енергетската заедница.

На прашањето колку од земјите во Западен Балкан имаат датуми за напуштање на јагленот и дали се на пат да ги исполнат климатските цели од договорот од Париз кога станува збор за ставање крај на фосилните горива, Копач вели дека нема единствен одговор на ова, бидејќи, на пример Албанија нема централи на јаглен, Црна Гора има само една централа со јаглен, која во моментов се обновува за да се усогласи со нормите на ЕУ, а најголем проблем имаат Србија, Косово и Босна и Херцеговина. И Србија и Босна се 70 отсто зависни од јаглен, а Косово е 95 отсто зависно.

„Северна Македонија најави укинување на јагленот до 2030 година и инвестира многу во обновливи извори и брзо се развива. Па за нив, јас сум сосема сигурен“, вели Копач, додавајќи дека секоја земја се движи со различно темпо.

Копач ја пофали нашата земја и за спроведувањето на аукциите за електрична енергија, но и за начинот на кој привлекува инвеститори во обновливите извори на енергија. 

„На инвеститорите им треба предвидливост. Прво, дневните наддавања треба да функционираат во секоја земја. Во моментов, тоа го има во Србија, со размена на електрична енергија. Северна Македонија, Албанија и Црна Гора во моментов се обидуваат да воспостават свои размени на електрична енергија и се надевам дека ова ќе се направи оваа година, вели тој.

Друг елемент, како што посочува, е да се организираат конкурентни тендери.

„На пример, во Северна Македонија, тие им понудија капацитети на стара централа за јаглен на инвеститори кои понудија за два пати по 50 мегавати инвестиции во фотоволтаици. Владата побара инвеститорот да земе еден вработен од централата за јаглен за инсталиран мегават. Електраната на јаглен стоеше во мирување, па вработените беа среќни што најдоа нова работа. Во замена, инвеститорот доби конекција со високонапонската мрежа и го доби земјиштето бесплатно“, вели Копач.

Тој во интервјуто објаснува дека инвеститорите потоа беа поканети да понудат процент од цената на електричната енергија што беа подготвени да ѝ го вратат на државата.

„Тие добија неколку понуди и мислам дека конечниот процент беше околу 18 отсто. Значи, Северна Македонија како држава ќе добие пари од деактивирање на својата централа за јаглен. Мислам дека ова е многу иновативно, и благодарение на ова, Северна Македонија беше во можност да привлече многу странски инвеститори. Тие сè уште немаат размена на електрична енергија, но од друга страна, трговијата е многу либерализирана“, вели Копач за Еуроактив.

Во интервјуто тој посочува и дека некои од земјите од Западен Балкан ги одложуваат реформите за цените на јаглеродот „што е можно подолго“ затоа што се плашат од социјалниот пресврт предизвикан од зголемувањето на цените на електричната енергија. Тој смета дека ЕУ треба да изврши притисок со барање овие земји да се приклучат на Шемата за тргување со емисии на ЕУ, притоа обезбедувајќи финансиски стимулации за управување со социјалните последици од напуштањето на јагленот.

„Воведување на цени за јаглеродот дефинитивно ќе значи зголемување на цените на електричната енергија и од ова се плашат политичарите. Цените на електричната енергија за домаќинствата во сите овие земји не ги рефлектираат трошоците (за производство) и се утврдени далеку под просекот на ЕУ“, вели Копач.