Костадиновска – Стојчевска: ВМРО ДПМНЕ се обидува да ме извалка со лаги
Екс министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска ги отфрли уште еднаш тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека со службена картица купувала хулахопки, куфери и играчки за време на патување во Лондон. Според неа, сите трошења за лични потреби биле реализирани исклучиво од нејзината приватна сметка, а сите трошења кои биле нужни за службеното патување, биле реализирани од службена картичка. Таа вели дека морала да набави основни работи за нормално функционирање додека била на службен пат затоа што авио компанијата ѝ го изгубила багажот на летот за Лондон.
„Увидовме дека ВМРО-ДПМНЕ имаат капацитет само за лаги и замајување. Толку е. За водење држава не. Денес стојам пред вас на оваа прес конференција затоа што најавија серијал за мене и за моето трошење. Жалам што мојот две годишен мандат ВМРО ДПМНЕ се обидува да го извалка со лаги.
Еве ја вистината: Дел од трошоците кои ги презентираа се однесуваат на нужност да обезбедам основни услови за мое нормално функционирање на службено патување по лет на кој авиокомпанијата ми го изгуби багажот. И да, купив нови куфери од сопствена сметка и основни средства за службеното патување за да можам да патувам и да учествувам на состаноците во момент кога останав без багаж при патувањето во Лондон. Останатиот дел е тешка манипулација и целосна невистина.
Ама бидејќи се мајстори за изнесување лаги, го повикувам пратеникот Лефков, нека дојде со копија од мојата службена картица, ќе чешламе трошок по трошок на кој сака медиум. Нека одбере тој време и медиум. Јас стојам на располагање! Ако има криминал во моето работење нека повелат да ми го симнат имунитетот, имаат можност за тоа и ќе се појавам пред кој сакаат судија! Ако се утврди неправилност, грешката ќе ја признаам и парите веднаш ќе бидат рефундирани. Ако не, ВМРО Фалсификаторска ќе добие тужба и уште еднаш ќе биде потврдена како дезинформатор и маниулатор на македонскиот народ.
Јас сум жена, политичар и човек кој мрази лаги – затоа секогаш реагирам веднаш и со вистината.Одвратно е ова што го прават, ама нема да паднам на нивното ниво. Тие нека продолжат со лаги, а јас со вистина. Не најдоа никако да ме оцртнат, не им се допадна извештајот од ДЗР за моето работење, не им се допадна што никој не може да го “стигне” трошењето на Бети, па нејзините две другарки денови поминале на гугл да наоѓаат места низ светот и да фалсификуваат сметки.
Дали ова е страв од тоа што предметот за нивната омилена министерка уште не е затворен, па ги фатило паника кога пред неколку дена добиле барање од ОЈО да ги предадат извештаите од нејзините три службени картички? Дали им е страв дека ќе се види таму вистинскиот шопинг од 30.000 евра во Италија?
Да сумирам. Сите трошења за мои лични потреби биле реализирани исклучиво од моја лична приватна сметка. А, сите трошења кои биле нужни за службеното патување, биле реализирани од службена картичка, исклучиво согласно актуелните правилници и норми, порача Костадиновска.(Линк до видео: https://www.youtube.com/watch?v=-udh09XoTNk )
На нејзината прес конференција одговори пратебникот Миле Лефков кој ги повтори обвинувањата од претходниот ден.
„Бисера Антоанета со патниот налог до сметкводство во Министерството за култура ги доставила и сметките кои ги покрила со народни пари, од истите може да се види дека со буџетски пари плаќала чорапи, хулахопки, куфери, мечиња. Ова е сметката за купен куфер Samsonite Crossover 9.7 од 59 фунти. Оваа сметка е доставена лично од Бисера Антоанета до сметководството во Министерството за култура, а ова е нејзиниот потпис на истата. Бисера Антоанета куферите ги купила на 26.10.2023, и тоа се гледа од оваа сметка каде како купувач е запишана таа, и на која истата се потпишала кога ја однела во Министерството за култура за да ги правда потрошените пари.
Одиме со следна сметка, од 219 фунти и поголемиот куфер Samsonite Upscape spiner, и на оваа сметка се гледа дека Бисера Антоанета е купувачот и на оваа сметка се гледа дека шопингот го правела на 26 октомври 2023.
Само да нотираме дека Антоанета се правда со некакви изводи од плаќање од 25, т.е. ден претходно. Чии се сметките од 25-ти воопшто не не интересира. Тема на интерес е тоа што Бисера Антоанета однела во Министерството за култура со цел правдање на потрошените средства, а тоа се овие сметки со нејзин потпис.
Одиме понатаму, ова е сметката од Gift Galore London, од 89 фунти, од каде Бисера Антоанета си купила плишано мече Paddington bear и фудбалска топка City football.
Бисера Антоанета, на лагите и се кратки нозете. Народот може да ги види сметките од твоето трошење со негови пари, сметки кои потоа си ги однела во Министерството за култура со цел правдање на потрошеното, порача Лефков најавувајќи продолженија.
Откако Лефков ги објави сметките на социјалните мрежи, Костадиновска се јави на Фејсбук, нарекувајќи ги од ВМРО-ДПМНЕ манипулатори, бидејќи на нив нема нејзин потпис.
„Благодарам на ДПМНЕ што потврди дека се манипулатори и дека моето име служи за дефокус на нивното неуспешно неработење. Имено потписот на сметката не е мој и тоа лесно може да се докаже, а останатите три се без потпис. Се прашувам кој ќе ви поверува на лажирани сметки, без мој потпис, знаејќи ги кои се процедурите за затворање на патен налог. Не кажа колегата Лефков дали одреди медиум на кој ќе ги соочиме фактите и прегледаме трошоците за моите службени патувања, нашиша Костадиновска Стојчевска.