Костадиновска-Стојчевска се сретна со премиерот на Фландрија


Негување на културното наследство како национален приоритет е во фокусот на ЕУ програмите за афирмација на младите луѓе од земјава кои ќе се обучуваат и волонтираат во Фландрија, со цел да се искористат позитивните практики. Важно е и младинското учество на летен курс кој е наменет за конзервација и археологија оваа година, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во Брисел по средбата со премиерот на Фландрија, Jан Јамбон, кој е задолжен и за областа култура.

Тие, како што соопшти Министерството за култура, на заедничкиот состанок потенцирале дека Кралството Белгија и Северна Македонија негуваат добри односи во сите општествени сфери, вклучително и во областа на културата. Ќе оствариме соработка со организации кои ќе ни пренесат пракса и експертиза за културно наследство и зачувување на артефакти.

– Кралството Белгија има огромен потенцијал и традиција за континуиран културен развој, посочувајќи ја културата за значаен медијатор за меѓусебно запознавање. Oд особено значење би била соработката на музеите за современа уметност и на националните галерии на двете земји, а ја разгледавме и можноста за доусовршување на млади кадри и нивно учество во повеќе проекти, истакна Костадиновска-Стојчевска по средбата.

Министерката за култура и премиерот на Фландрија разменија мислења и за соработка во областа на македонската музичко-сценска дејност.

Дводневната работната посета на Брисел беше и со мисија да се отвори македонски културно-информативен центар, а министерката Костадиновска-Стојчевска ја посети и Палатата на убави уметности, каде имаше дискусија со менаџментот за организирање на настани таму. Таа се сретна и со генералната директорка за образование, млади, спорт и култура на Европската комисија, Темис Кристофиду со која фокус теми им беа младите таленти и ЕУ-проектите.