Костадиновска-Стојчевска на Министерскиот состанок во Тирана за Западен Балкан, културното наследство главна тема


Bisera Kostadinovska Stojcevska

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска и утре во Тирана, Албанија, ќе учествува на Министерски состанок на платформите за Западен Балкан за култура, за истражување и иновации и за образование и обука.

Како што соопшти Министерството за култура, исто така европската комесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади, Марија Габриел, ќе присуствува на министерските состаноци со кои ќе претседаваат Европската комисија, француското претседателство со Советот на Европската унија и албанските министерства за култура, образование и спорт.

Министерскиот состанок претставува клучен настан во заедничките напори за одржување на политичкиот моментум поттикнат од започнувањето на Агендата за Западен Балкан на Самитот во Брдо минатиот октомври. Главниот фокус е на иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт преку кои Западен Балкан е на солиден пат кон поблиска соработка во тие области на политиката. Младите се тие кои треба активно да ги вклучиме во сите процеси и да дадеме можност македонското културно наследство уште повеќе да им се доближи, а кое тие ќе го пренесат на идните генерации, вели министерката Костадиновска-Стојчевска

Првата министерска платформа за култура на Западен Балкан ќе биде официјално промовирана денеска, по што утре ќе следат состаноците на министерската платформа за истражување и иновации и образование и обука.

Извештајот на JRC Science for Policy „Статус на животната средина и климата во Западен Балкан“, основен елемент за Зелениот договор за Западен Балкан, исто така, ќе биде претставен на форумот утре.

Клучните теми што треба да се дискутираат за време на трите министерски состаноци вклучуваат културно наследство, соработка меѓу академскот и бизнис секторот како двигатели на иновациите и учење за одржливост на животната средина, се наведува во соопштението.