Промената на власта во Скопје ги запре градежните работи на Универзалната сала

Универзалната сала стои соголена откако почна нејзината обнова. Министерката за култура вели дека одговорите за ова треба да се бараат кај Данела Арсовска


Фото: Б. Грданоски

 

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска верува дека застојот со градежните работи на Универзалната сала во Скопје е поради смената на градската власт, затоа што за неа има проект и обезбедени се средства.

„Нема никакви проблеми со проектот за Универзална сала, туку се застанати градежните активности. Сакам да верувам дека тоа е можеби поради промена на градоначалник, не сакам да верувам дека Универзална сала како еден споменик и подарок од Република Бугарија по земјотресот е оставена да пропаѓа заради некои ситно-дневни политички поени. Јас будно ја следам ситуацијата и сметам дека доколку имаме надлежност како Министерство за култура и доколку има можност ние ќе интервенираме, бидејќи Унвиерзалната сала како секој друг културен објект да не речам ‘музеј на културата’ мора да биде ставена во функција најрано што може“, порача Костадиновска-Стојчевска, одговарајќи на новинарско прашање денеска по посетата на тријазичното училиште „Јашар Беј Шкупи“ во Чаир.

Таа упати одговор за застојот да се побара кај градоначалничката Данела Арсовска.

Универзална сала стои со соголена фасада и не се одвиваат никакви градежни работи за реконструција на објектот, откако реновирањето почна во септември лани,.

На дел од објектот беше поставено скеле, работите почнаа, со што се изврши целосно уривање на старите делови.

До октомври требаше целиот објект да добие нова конструкција, за да може да почне изведбата на надворешноста и куполата, кои требаше да  бидат готови до крајот на годината. По завршувањето на надворешната конструкција, требаше да почне втората фаза, односно реконструкцијата на внатрешноста.

Но, по локалните избори и промената на градоначалничката функција градежните работи се прекинати и објектот стои соголен.

Градоначалничката Арсовска во декември на брифинг со новинарите кажа дека фасадата и куполата ќе се завршат до пролет, а за внатрешноста во моментов нема пари бидејќи од Владата се префрлени средства само за надворешноста, а немало ниту проектна документација.
 

Изведбата на фасадата и покривот чинат 1,8 милиони евра, кои беа обезбедени од Владата. Градежните работи ги изведува фирмата „Универзал Балкан“.

Универзална сала е затворена седум години, односно од 10 март 2015 година. Универзална сала е изградена после скопскиот земјотрес, а проектот за неа беше донација од Бугарија.