Костадинова за тензиите во Собранието: ВМРО-ДПМНЕ остана насилничка партија


Марија Костадинова, пратеничка  на СДСМ, ја обвини денес ВМРО-ДПМНЕ дека  не може да ја напушти режимската, насилничка матрица.

-Вчера во Собранието сведочевме на насилство, на физичко и вербално вознемирување врз колешка на нејзиното работно место. Пред целата јавност, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски безобразно го повреди интимниот простор на пратеничката Даниела Марковска.

Мицевски се дрзна да замолчи пратеничка, да ја загрози нејзината слобода на говор во собраниската сала, во она што е храм на демократијата. Со своето однесување Мицевски потврди дека е дел од режимската насилничка матрица на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е таа матрица која насилно исфрли новинари и пратеници од пленарната сала на црниот понеделник во 2012 година и која стоеше зад насилниот упад на 27 април.

Не е прв пат ВМРО-ДПМНЕ да напаѓа, вознемирува и навредува жени, не е прв пат оваа партија да ограничува слобода на говор.Насилството, шовинизмот, автократијата со години се обележја на оваа деструктивна и ненародна партија предводена од Христијан Мицкоски, порача пратеничката оценувајќи дека граѓаните го оценуваат  ваквиот однос на ВМРО-ДПМНЕ и соодветно реагираат.