Костадинов: Водата за пиење во Струмица е исправна


Анализите од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) покажаа дека водата од водоводната мрежа во Струмица е питка, соопшти градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, преку својот Фејсбук профил.

– Анализи од Агенцијата за храна и ветеринарство, три акредитирани приватни лаборатории и Центар за јавно здравје Струмица ги побија резултатите на Институтот за јавно здравје, кои не измачуваа сите нас како струмичани. Благодарам на професионалците од АХВ што се одважија и го потпишаа решението за укинување на забраната! На сите кои се ситевте, во овие за нас струмичани тешки и мачни денови, ви простувам од дното на мојата душа.

Останува да се седне повторно со надлежните институции и да се изнајде решение за проблемот на брана „Турија“, напиша Костадинов на Фејсбук.

Водата за пиење во Струмица и шест населени места беше забранета за употреба пред еден месец заради зголемено присуство на манган и во последните мерења заради зголемено присуство на колиформни бактерии.