Корона кризата го намали профитот на „Дасо авијација“ за 87 отсто
Со економската криза предизвикана од коронавирусот и нефункционирањето на воздушниот сообраќај, нарачките на летала се намалија за францускиот производител на воени и деловни авиони „Дасо авијација“, јави дописникот на МИА.
„Дасо авијација“ соопшти дека неговата нето-добивка е намалена за 87 отсто, достигнувајќи 32 милиони евра, поради кризата предизвикана од епидемијата на Ковид-19.
– Некои наши клиенти го одложија датумот на испорака на авионите, но, исто така, нема ниту нарачки на авиони, изјави извршниот директор Ерик Трапие.
Економските последици од здравствената криза се „тешки“ и „имаат големо влијание“ врз пазарот на деловната авијација, нагласува „Дасо авијација“. Во првата половина од годината, производителот на авиони им испорача седум борбени авиони „Рафал“ на Индија и Катар и 16 деловни од типот „Фалкон“.
Поради економските последици од епидемијата и намалената активност на воздушниот сообраќај, „Дасо авијација“ планира да испорача 30 авиони „Фалкон“ во 2020 година, што е една четвртина помалку од претходната.