Коренот од дрвото посадено од Мајка Тереза е конзервиран


Дрвото од вид сребрена смрча посадено од Мајка Тереза во 1980 година кое на 2 јули беше погодено од тешкото невреме е конзервирано и заштитено.

Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ во координација со службите од Град Скопје извршија процес на заштита на коренот од дрвото кој беше зачуван, третирајќи го со фунгицид – препарат за заштита од габи, потоа со инсектицид – за заштита од инсекти и премачкувајќи го со сулфур и гасена вар за да не дојде до процес на распаѓање и гниење или во најмала рака да се одложи истиот.

„Коренот од дрвото кое има непроценлива вредност за Скопје и скопјани, ќе остане кај спомен плочата на Мајка Тереза, а екипите на ЈП ‘Паркови и зеленило’ ќе продолжат со повремено третирање на истиот, во зависност од неговата состојба“, објави јавното претпријатие.

Кога временските условите ќе дозволат, во сезоната за соодветно садење, согласно препораките на шумарските инженери ќе биде извршено засадување на ново дрво од истиот вид на истото место на плоштадот „Македонија“.