Копров како ретко кој го знае патот од талент до ѕвезда и ѕвездата да ја направи уште поголема ѕвезда (фото)
На времето требаше да бидете талентирани, да имате амбициозни родители, да пеете во „Златно славејче“ и да ве забележи Григор Копров. Од нашите најпознати композитори и хитмејкери тој е еден од ретките кај нас кој го знае патот од талент до ѕвезда и кој со своите песни знае ѕвездата да ја направи уште поголема ѕвезда.
Григор Копров (1943, Охрид), во богатото музичко портфолио може да се пофали со соработката со ѕвезди како Тоше Проески, Владо Јаневски, Каролина Гочева, Калиопи, Маја Оџаклиевска… Ги има компонирано едни од најубавите македонски хитови: „Не зори зоро“, „Сонце во твоите руси коси“, „Усни на усни“, „Немир“, „Јулија“, „Те љубам лудо“, „Ники“, „Лиду-лиду-ду“ и „Прости ми“, „Да море зна“…
Синоќа, концертот посветен на големиот македонски и регионален композитор, насловен „Најдоброто од Копров“ , ја преполни салата во Операта, во рамките на Скопско лето, а на сцената публиката слушна дел од најголемите хитови кои ги напишал. Поголемиот дел ги испеа младата пејачка со моќен вокал, Ана Петановска, новиот музички фаворит на легендарниот автор, позната по учествата во проектите како традиционалниот Василичарски концерт и Оскаровски хитови од 80-те и 90-те години. Настапија и Наде Талевска, која денес е сопран во Операта, и која својата поп-кариера ја започна со песни од Копров, Горан Наумовски, кој е дел од организацијата, Денис Димоски и Владо Јаневски како специјален гостин.
„Сите ние во одреден дел од животот чувствуваме некоја возбуда. Возбуда кога ни се раѓа дете, кога правиме свадба за дете, за некој близок. Јас вечерва, со оглед на годината на производството, чувствувам голема возбуда, како кога ми се родија децата“, кажа Копров на крајот од концертот, кога од Скопско лето и од в. д. директорот на Операта Орце Ицковски ја прими плакетата за придонес во музиката.
Фото: Скопско лето