Контроверзен видеоспот на ВМРО-ДПМНЕ: Не делат со наши пари

Додека претседателските кандидати сè почесто ги повикуваат гласачите активно да се вклучат во изборниот процес, на телевизиите почнаа да се вртат пропагандни спотови платени од џебот на граѓаните во кои се фрла кал врз противникот. Ширењето негативни информации за да се наруши јавната слика за политичкиот противник, според експертската јавност, може да претставува мултивитаминска инјекција само за слепите поддржувачи, но ги одбива неутралните гласачи. Таков ефект, според познавачите, предизвикува и последниот видеоспот „Бутик“ на ВМРО-ДПМНЕ, со исклучително некреативно сценарио во кој се повикуваат граѓаните да го дадат својот глас за Гордана Силјановска-Давкова.

Дејствието се одвива во бутик каде што двајца продавачи – момче со очила кое би требало да го претставува претседателскиот кандидат на владејачката коалиција Стево Пендаровски и помлада девојка, која треба да ја претставува кандидатката на опозицијата Гордана Силјановска-Давкова – се обидуваат да му ја продадат секој својата маичка на купувач. Забележливо е дека момчето зборува жаргонски, во неколку наврати ги поместува очилата кон лицето и подшмркнува, а девојката говори литературно без „наркотикови“.

Продавачот вели: „Маичка…, абе шо има врска дека не е ова оригинал, ова е ново, ново… одиме напред… знаеш, напред“. Таа, пак, убедува: „Оваа маичка има традиција, историјата на квалитет и за мене е најдобра“.

Потоа тој ќе рече: „Мајка ти, татко ти, баба ти, дедо ти… носеле што носеле, знаеш сега е ново…од горе“. Девојката, пак, тврди дека нејзината маичка е резултат на труд на многу генерации, цел свет нè знае под овој бренд, милиони раце ја ткаеле.

„На одмор у Грчка со оваа маичка гратис љежалка. Еј, бери памет, знаеш, Зоки и Нике ја шиеја, Рада и Оли ја пеглаа“, возвраќа продавачот. „За пусти пари…“, ќе поентира продавачката со одломка од вокабуларот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

На крајот тој се заканува „ако не купиш знаеш…, службени белешки, служби, ќе свириш клавир, стока“, а таа порачува „ќе направиш правилен избор, убаво ќе ти стои и ќе ја носиш со чест“.

Последнава деценија се изнаслушавме за „предавници“ и „предавства“. Толку ни станаа овие зборови дел од секојдневната комуникација, велат познавачите, што веќе не реагираме кога некој е обвинет дека ги изневерил Македонија и македонската кауза.

Но, и покрај тоа, таквите обвинувањата не може туку така да ја изгубат својата актуелност во денешниот политички дискурс. Јавноста очигледно ќе мора да гледа жигосување не само во катаклизмичните говори на политичките првенци на ВМРО-ДПМНЕ туку и преку спотови и транспаренти. Таков транспарент осамна деновиве во Кавадарци во кој со јасна алузија на уште едно „предавство“ – договорот со Бугарија, се прашува премиерот Зоран Заев: „Кој ги уби ваташките деца?“

„Најблаго речено, неумесно е државата да се поистоветува со една маичка, демек едната со дупки, другата целосна. Во конкретниот видеоспот се употребува крајно непримерна реторика со која се исмејуваат сите граѓани, вклучувајќи ги и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова. Ова е пример како не треба да изгледа една политичка кампања“, смета Татјана Лопарски од „Елемент ПР“.

Познато е дека со ланските измени во Изборниот законик секој од тројцата кандидати за претседател на државата ќе може да потроши максимум по 3,3 милиони евра во кампањата. Од буџетот ќе му бидат платени сите трошоци за рекламирање во телевизиите, весниците и интернет-порталите, додека останатите трошоци за митинзи, билборди или изборен материјал ќе бидат обврска на кандидатите, односно партиите што ги поддржуваат. Тоа значи дека граѓаните ги ставаат своите пари во партиските каси, а за тие пари преку етерот добиваат солидна доза на навреди и понижувања.

„Тие може меѓусебно да се исмејуваат со партиски пари, но не и со нашите пари. Јас не сакам мојата држава да биде претставена како маичка. Комуникациската стратегија на опозицијата е целосно промашена и неконзистентна. Гордана Силјановска, која стартуваше со желба да се промовира во јавноста како учтива и мила, станува сè поарогантна. Таа инсистира на правната невалидност на договорот со Грција и промената на уставното име, а практично со синтагмата „со Гога на Јога“ неа ѝ го променија името. Како што одминува времето, кампањата сè повеќе ја губи смислата. Се зборува за сè и сешто, а најмалку за ингеренциите на шефот на државата кои се во доменот на надворешната политика и одбраната. Потребно е да дискутираме на теми што се важни за земјата, а не за целосни или скинати маички, за предавници и патриоти“, вели Лопарски.

Освен видеоспотовите во кои директно и бескрупулозно се игра со емоциите на граѓаните, јавноста е сведок и на политичка злоупотреба на децата. Децата, како што беше утврдено со мониторингот на „Цивил“, се во првите редови на митинзите и се употребуваат во видеоснимки, пропагандни спотови и фотографии што се објавуваат на социјалните мрежи и во медиумите. Како да не постојат јасни домашни и меѓународни одредби, кои таквата злоупотреба ја забрануваат.

За жал, ваквата состојба се забележува кај речиси сите учесници во изборниот процес и нивните поддржувачи. Злоупотреба на деца во политички цели е констатирана кај Силјановска-Давкова и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Имено, во еден од промотивните спотови на Силјановска се снимени и малолетни деца преку кои се изразува поддршката за неа. Што се однесува, пак, до Ахмети, на фејсбук-страницата на партијата деновиве беше објавено видео со наслов „Како Албанците го пречекаа Ахмети во Охрид“, каде што две малолетни деца одат пред него со корпи полни со цветови кои ги постилаат на патеката по која се движи тој. Ваквите постапки на политичките структури во земјата значат непочитување на Законот за заштита на децата и се неприфатливи за држава која се бори за напредок и влез во Европската Унија. „Местото на децата е надвор од политиката“, велат од „Цивил“.

Наум Котевски