Контролорите на летање работат со опрема стара 25 години, се плашат да не им се случи „Кочани“


Во Македонската навигација (М-НАВ) и денес се работи со техничка опрема стара четвртина век, а состојбата во контролата на летање станува сè поалармантна. Претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, во гостување на „24 Анализа“ предупреди дека ако надлежните не реагираат навреме, постои реален ризик од сериозен инцидент во воздушниот сообраќај, сличен на трагедијата кај Кочани.

– Жал ми е што морам да го споменам Кочани. Тоа беше голема трагедија, со тешки последици, и граѓаните на своја кожа почувствуваа што значи кога системот не функционира како што треба. И ние во контролата на летање се соочуваме со слични ризици – рече Тасевски.

Според него, покрај застарената опрема, проблемите се продлабочуваат и поради нефункционалниот систем на кадровско селектирање и отсуството на поддршка за обезбедување квалитетна услуга.

– Работиме со истиот систем од 1999 година. Нека се запрашаат граѓаните – каков компјутер или мобилен телефон имале тогаш, а каков имаат сега. А ние сè уште ја користиме истата опрема. Нашите соседи Србија и Албанија во меѓувреме ги сменија системите по три-четири пати. Кај нас, наместо подобрување, имаме ограничувања, нема политичка волја да се назначат компетентни луѓе и да ни се дадат услови за работа – вели Тасевски.

Контролорите апелираат дека мора итно да се преземат чекори за модернизација на системот, бидејќи во спротивно, како што предупредуваат, во опасност е безбедноста на патниците и на целиот воздушен сообраќај во земјава.