Контрадикција: Мицкоски ветува по 5.000 денари за пензионерите, Славески бара умереност
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека до сумата дошол по разговори со пензионерите, а главниот економист на партијата вели дека е потребен нов општествен договор
Од една страна најава за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари, а од друга, повикување на нов општествен договор со синдикатите и здруженијата на пензионери кој треба да резултира со умереност во барањата за зголемување на платите и на пензиите, можеа викендов да се слушнат на иста партиска дебата која што ја организираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Така, додека претседателот на партијата Христијан Мицкоски, кој образложувајќи делови од економската партија за претстојните парламентарни избори рече дека „во рок од една година од изборот на владата на ВМРО-ДПМНЕ пензионерите ќе ги добијат линеарно тие 5.000 денари зголемување на пензиите и тоа ќе остане трајно“, членот на Извршниот комитет на партијата и поранешен министер за финансии, Трајко Славески, рече дека треба да се постигне нов општествен договор во соработка со синдикатите и здруженијата на пензионери.
„Власта да се обврзе дека ќе води сметка за секој денар, дека ќе ја сведе корупцијата на нула, дека расходите ќе бидат ефикасни и ефективни, а синдикатите и здруженијата на пензионерите да бидат умерени во своите барања за зголемување на платите и на пензиите“, рече Славески.
Притоа, тој не образложи дали ветувањето за линеарното зголемување на пензиите, коешто пред него го даде партискиот лидер, се вклопува во заложбите за умереност на барањата, особено што Мицкоски, образложувајќи ја мерката рече дека таа е резултат на средбите кои што тој ги имал токму со пензионерите.
„Тие бараат линеарно зголемување на пензиите и во оние средби кои што ги имав во последните месеци го поставија тој праг од околу 5.000 денари. Преку дебатата која што ја водиме во партијата и информациите за состојбите во буџетот, но и очекувањата за обврските за периодот што следи, можам да кажам дека следната влада на ВМРО-ДПМНЕ во рок од една година линеарно ќе ги зголеми пензиите од 5.000 денари за сите пензионери“, рече Мицкоски.
Концептот за линеарно зголемување на пензиите е сосема различен од сегашниот модел што го договори власта во почетокот на март годинава во дијалог со здруженијата на пензионерите. Оваа методологија беше усвоена според швајцарскиот модел, односно усогласувањето на пензиите се врзува за порастот на трошоците за живот со 50 отсто, и за просечна плата, исто така во висина од 50 отсто. И покрај тоа што беше наречен „историски“, моделот многу брзо се најде на удар на пензионерите, особено оние кои имаат ниски пензии и кои бараат линеарно зголемување на нивните месечни примања.
Поголемо ветување од барањата
Ветувањето на Мицкоски од 5.000 денари, што е повисоко и од она што реално го бараа повеќето пензионери на протестите, а кое што во повеќето случаи изнесуваше 3.500 денари иако имаше и барања тоа да изнесува и 8.000 денари.
Владата тогаш најавуваше усогласување на пензиите во септември од 6,8 отсто, но тоа потоа се „стопи“ на околу пет отсто, според „швајцарската формула“, односно како резултат на намалената инфлација и помалиот раст.
Според пресметките за јуни кога имало вкупно 337.054 корисници на пензија, ако се усвоеја барањата за 3.500 денари линеарно зголемување за секој од нив, ПИОМ, односно држават,а дополнително требаше да „искешира“ над 1,1 милијарда денари или 19,18 милиони евра месечно, што на годишно ниво изнесува фантастични 230 милиони евра.
Со сегашната математика, односно со линеарното зголемување од 5.000 денари за секој пензионер, таа обврска дополнително се зголемува. Еве што покажуваат бројките:
Според последните достапни податоци, во септември во државата имало 338.241 пензионери. Доколку мерката на ВМРО-ДПМНЕ би се применела веднаш, тоа би значело дека кон ПИОМ секој месец би требало да се насочуваат од Буџетот дополнителни 1,69 милијарди денари (27,5 милиони евра) или за една година обврската би изнесувала неверојатни 329,9 милиони евра.
За споредба, со усогласувањето од 6,8 отсто во септември, ПИОМ, односно државата требаше да обезбедат околу 6 милиони евра месечно или на годишно ниво околу 70 милиони евра. Оваа бројка сигурно е и помала, бидејќи усогласувањето во септември беше пониско од најавеното, односно беше околу 5 отсто.
Колку е издржано барањето за линеарно зголемување на пензиите? Според економисти кои што учествувале во реформата на пензискиот систем кај нас, со оглед дека околу половина пензионери во нашата држава се со пониски пензии ова барање е целосно легитимно, имајќи го предвид воопшто животниот стандард на пензионерите.
„Но, од друга страна, не треба да се занемари фактот дека висината на пензиите се одраз на висината на платите и должината на уплатуваниот придонес, односно на работниот стаж. Со линеарното зголемување би се поткопал тој принцип во пензискиот систем, со тоа што законската формула за усогласување на пензиите нема да се почитува и би се ставила надвор од примена“, изјави економистка за „Независен“.
Во однос на солидарната компонента на нашиот пензиски систем и дали ова помага за таквиот пристап, соговорничката вели дека нашиот пензиски систем се темели и на принципот на социјална сигурност и солидарност којшто може да се препознае во обезбедување на загарантирана минимална пензија, иако уплатите на придонесите се под тој минимум.
„Исто така солидарната и социјална компонента се содржи и во неодамна воведената социјална пензија за лица кои исполниле старосна граница за пензионирање, но немаат минимум 15 години стаж. Со овој вид на социјална пензија нашата држава се вбројува меѓу првите во регионот што обезбедува социјална заштита/пензија на старите лица кои во целост не ги исполнуваат условите за пензија“, вели таа за „Независен“.
Централизација на локалната самоуправа
Во средината на август, даночниот експерт Павле Гацов, во разговор за „Локално“ укажа дека пензијата не е социјална, туку економска категорија, па барањето за нејзино линеарно зголемување нема економска логика. Притоа тој постави контра прашање за правото на осигурениците од Вториот пензиски столб.
„Дали има логично оправдување осигурениците во приватните пензиски фондови да добиваат иста исплата без оглед колкав придонес уплатувале! Имено, да уплатуваат симболично, но да добиваат солидарно од прибраната маса на пари од сите осигуреници (повеќе од уплатата). За вакво постапување нема економско оправдување. Истото правило важи и за осигурениците во државниот пензиски фонд“, рече Гацов. Тој додаде дека главен виновник за малите пензии е малата маса на уплатен социјален придонес за времетраењето на работниот стаж на пензионерот, но и востановената практика на плаќање придонеси од страна на работодавците.
Други економисти сметаат дека со ваквите ветувања практично почна предизборната кампања. Мамката прво е „фрлена“ кон пензионерите, кои за секоја партија се едно од најзначајните гласачки тела.
Инаку, Мицкоски на партиската трибина насловена како „Важно е! Платформа за иднина. Идни економски принципи кои ќе бидат дел од платформата за иднина!“ изложи уште два приоритета од програмата. Едниот се однесува на обезбедување 250 милиони евра годишно од централниот буџет за капитални инвестиции во општините за основни потреби, а другото за реформи во даночната област односно кај данокот на добивка.
„Да видиме кои се нивните потреби и ние од централниот буџет да инвестираме да можат тие пари да ги обезбедат основните потреби за нашите сограѓани. Такви ќе бидат инвестирани во еден четиригодишен мандат околу една милијарда евра или околу 250 милиони евра годишно“, рече Мицкоски ,образложувајќи го проектот за доделување средства на општините.
Дилемата е дали на овој начин ВМРО-ДПМНЕ заговара процес на централизација, наместо децентрализација, бидејќи практично Владаат ќе биде таа што ќе оценува дали некој проект е подобен или не, наспроти заложбите на локалните самоуправи тие да бидат носители на локалниот развој, преку добивање поголеми проценти од данокот на додадена вредност и од данокот на доход, покрај средствата што ги обезбедуваат од данокот на имот, кои што се нивен изворен приход.
Со зголемените годишни потреби со најавеното линеарно зголемување на пензиите (329,9 милиони евра) и она за општините од 250 милиони евра, вкупните обврски на државата од буџетотсамо по овие два основи ќе изнесуваат 580 милиони евра.
За споредба, Предлог-буџетот за 2024 година што е доставен до Собранието е проектиран на 5,5 милијарди евра, од кои околу 660 милиони ќе бидат за исплата на плати во јавниот сектор, а 733 милиони евра ќе се одвојат за капиталните инвестиции.
Тоа значи дека само овие две мерки на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат повеќе од десет отсто од вкупните расходи на буџетот за идната година.
Во однос на данокот на добивка, пак, Мицкоски рече дека предизвикот е како да се направи предвидлив даночен систем кој што нема да има осцилации, што е барање и од сите бизнис асоцијации и стопански комори.
Предлогот што го образложи, како што рече, се однесува на секоја компанија без разлика дали е домашна или е од странство.
Така, за секоја компанија која што ќе го донесе својот профитен центар или седиштето во Македонија, а има деклариран профит до 20 милиони евра данокот ќе остане ист, 10 отсто, односно нула отсто ако е реинвестиран.
„Ако пријави профит меѓу 20 и 30 милиони евра, данокот ќе биде осум проценти, од 30 до 50 милиони евра ќе биде шест проценти и над 50 милиони евра данокот ќе биде пет проценти. Со ова Македонија ќе се профилира како држава со најнизок данок на профит. Затоа ги повикувам не само домашните туку и компаниите во регионот во Европа, па и во светот своите профитни центри да ги префрлат тука во Македонија и да заштедат за својот бизнис“, рече Мицкоски.
Предлог спротивен на ОЕЦД
Ваквата заложба е во линија со она што ВМРО-ДПМНЕ го правеше и во периодот кога беше на власт и кога ги намали драстично даночните стапки и воведе рамен данок. Но, прашање е до каде ќе може да се оди со ваквите заложби, посебно кај данокот на добивка, имајќи ги предвид договорите кои што се воспоставуваат на глобално ниво, како што е Договорот за промена на глобалниот даночен систем кој ќе ја ограничи даночната конкуренција под покровителство на ОЕЦД, каде што е предвидена минимална глобална даночна стапка за корпорациите од најмалку 15 проценти.
Славески на партиската трибина не ги допре овие теми, како што тоа го направи со порастот на платите и на пензиите, но рече дека еден од предизвиците е „како да го умножуваме богатството, односно како да создаваме додадена вредност затоа што само така може да го подобриме животниот стандард, никако поинаку“.
„Ние можеме номинално да ги зголемуваме и платите и пензиите, но инфлацијата ќе ги брка и ќе ги престигнува и секогаш ќе ја намалува нивната реална вредност“, рече Славески, додавајќи „мораме да ја скршиме оваа спирала, оваа нерамноправна битка или борба помеѓу платите и цените во која што е познато од историјата дека во таа битка трка помеѓу платите и цените, платите и пензиите се оние што ја губат таа трка“.
Тој исто така се заложи за нов модел на раст, кој значи поддршка на извозно ориентираните компании и сектори, односно поддршка на оние сектори кои што имаат конкурентна предност и кои што може да бидат двигател на идниот развој на Македонија.
„Најдобра социјална политика е онаа која што се остварува преку отворање нови работни места, односно развој и раст на реалниот сектор“, рече Славески.