Конкурс за стипендии за ученици во Математичко-информатичката гимназија


 Министерството за образование и наука објави  Конкурс за доделување стипендии на редовни ученици запишани во ДСУ Математичко-информатичка гимназија-Скопје за учебната 2022/2023 година. Износот на стипендијата ќе биде 3.500 денари месечно за девет месеци во текот на учебната година.

Учениците кои ги исполнуваат условите наведени во Конкурсот, кој МОН го објави на својата веб-страница, треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат потребната документација на https://e-uslugi.mon.gov.mk/  Од 28 септември до 10 октомври 2022, од 8 до 16 часот, треба да ги достават документите утврдени во конкурсот.

Доколку немаат можност да аплицираат електронски, треба да пополнат хартиена пријава (Барање) и да ја  достават со потребната документација во Министерството за образование и наука (ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, Скопје), од 28 септември до 10 октомври 2022, од 8 до16 часот.

-Списокот со учениците кои ќе се стекнат со правото на стипендија ќе бидe објавен на 10 ноември 2022 година на сајтот mon.gov.mk и во ДСУ Математичко-информатичка гимназија – Скопје. Учениците кои ќе добијат стипендија ќе склучат договор со Министерството за образование и наука со кој ќе се утврдат правата и обврските, соопшти МОН.

По објавувањето на списокот, а најдоцна до 21 ноември 2022, добитниците на стипендии имаат обврска да го потпишат договорот за стипендија со Министерството за образование и наука.

Во објавениот Конкурс се наведени условите што треба да ги исполнуваат кандидатите за стипендија и документите потребни за аплицирање.